Ивановски: Позитивно мислење од ОБСЕ за законите за медиуми, забелешките ќе се имплементираат

Од:

Генерално позитивно мислење со минимални забелешки достави ОБСЕ во врска со последните измени на Предлог-законот за медиуми и Предлог-законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, изјави на денешната прес-конференција во Владата министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски, кој е надлежен за овие закони.


– За нас ова е поттик да продолжиме со истото темпо кое го правевме во изминатите 18 месеци на овие два закона со цел да се постигне подобар медиумски сектор во РМ, да се зголеми слободата на медиумите и да се подобри нивната работа. Тоа се мал број на забелешки, но без разлика на квантитетот ќе се посветиме да се подобри квалитетот на решенијата, рече Ивановски претставувајќи го Извештајот на ОБСЕ, само еден час откако го добиле.


Тој појаснувајќи го документот од претставникот на Канцеларијата за слобода на медиуми при ОБСЕ Дуња Мијатовиќ посочи дека голем дел од забелешките кои биле испратени во претходните два дописа се усогласени и се подобрени.


Во однос на Законот за медиуми, вели, позитивно е оценета одлуката за бришење на членот за саморегулација, прифатлива е и дефиницијата за новинар. За членот 4, кој се однесува за посебните забрани, ОБСЕ потенцира дека тој е по теркот на меѓународните стандарди и сугерира  подобро да се објасни потребата за овие посебни забрани во Законот за медиуми. 


ОБСЕ препорачува да се изостави членот 13, кој што се однесува на заштита на изворот на информации и да се остави на професионалните стандарди и релации помеѓу уредниците и новинарите во медиумите. Ивановски прецизира дека овој предлог доаѓаше токму од новинарската фела во РМ и беше доставен до МИОА и најави дека ќе продолжат дискусиите за негово допрецизирање.


Што се однесува за надлежноста на Агенцијата за медиуми, предложеното решение е прифатливо за ОБСЕ  во однос на слободата на медиумите, иако, вели, препорачува да се допрецизира текстот за да биде јасно дека оваа Агенција нема да има ингеренции врз следење на содржината и програмите на електронските портали и печатените медиуми, како што, нагласува, и самиот го потенцирал неколку пати досега.


Во однос на глобите во Законот за медиуми, ОБСЕ препорачува да се има градација во казнената политика на Агенцијата.


За Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги ОБСЕ оценува дека Законот ја следи директивата за аудиовизуелни медиумски услуги на ЕУ. Позитивно е оценета и одлуката да има дополнителни членови во Советот на Агенцијата од граѓанското општество. Министерот Ивановски појасни дека согласно последниот предлог, по два членови во Советот предлагаат Собранието на РМ и ЗЕЛС, а по еден Адвокатската комора, мнозинското здружение на новинари и Интеруниверзитетската конференција. Целиот процес за именувањето, селектирањето, поставувањето на критериумите за кандидати е прифатливо од страна на ОБСЕ. Препорачуваат, додава Ивановски, каскадно да се именуваат членовите на Советот како што е и во посточекиот систем во РМ.


Работењето на Агенцијата, според ОБСЕ е многу подобрено и е според најдобрите меѓународни практики, со тоа што се бара да се допрецизира административниот надзор.


Во делот на измените кои се однесуваат на МРТВ, тие се, вели, оценети како генерално добри и на линија со интернационалните стандарди.


На новинарско прашање за барањето на ЗНМ да се повлече Законот за медиуми, а да се подобри Законот за аудиовизуелни медиумски услуги, Ивановски рече дека токму ЗНМ побарало првичната верзија на Законот за медиуми да се подели во два посебни закона. Инаку, вели ова решение е поздравено од ОБСЕ, а го поддржало Здружението на новинари МАН и воедно добиле поддршка и од меѓународните тела.

Би можело да ве интересира

Директорката Иљази им забрани на вработените на Токсикологија да даваат изјави за медиумите

A1on

Костадиновска-Стојчевска: Покажавме како се почитува слободата на медиумите, „Репортери без граници“ го потврди тоа

А1он

Во медиумите во Македонија работат 2.100 луѓе, 20% од редовно вработените се во онлајн медиуми

A1on

Собранието го донесе Законот за медиуми и други закони

Горан Наумовски

Главна цел на измените на Законот за медиуми треба да биде законската регулација на интернет порталите

Ковачевски: Им се извинувам на медиумите, не сакам да се им се случи она што се случуваше до 2016

A1on