Остануваме отворени да дебатираме за Нацрт-законот за медиуми и аудиовизуелни медиумски услуги со секој кој сака да разговара со нас, изјави во интервју за МИА министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски, посочувајќи дека намерата е да се донесе што поквалитетно законско решение што е можно поскоро.
За првичната верзија на законот пристигнаа 380 коментари без препораките од ОБСЕ и Советот на Европа.
– Статистиката покажува дека 80 се целосно, а 60 делумно прифатени. За нас е значајно тоа што добивме и коментари од Совет на Европа и од ОБСЕ, дел од нив се прифатени, дел од нив не се прифатени. Истото ќе го направиме и овојпат. Сите забелешки ќе се земат предвид, ќе се разгледуваат, истакнува Ивановски.
Најавува уште една рунда разговори со засегнатите страни.
– Во моментов очекуваме дека ќе продолжи дискусијата, ќе направиме уште една рунда разговори, ќе дозволиме неколку дена да се разгледа новиот текст и доколку нема круцијални забелешки за што ќе биде неопходно повеќе време, ќе го испратиме текстот до Владата на РМ и потоа до Собранието, изјави министерот.
Нема ограничување на времето за донесување на овој закон, но бидејќи на него долго се работи се надева дека тоа ќе се случи во најскоро можно време.
– Но во никој случај не би ризикувале да се донесе и законска регулатива која што е несоодветна поради времето. Ние не сме ограничени со времето. Сакаме законската регулатива да биде квалитетна, вели Ивановски.
Посочува дека Советот на Европа до нив доставил анализа за секоја нивна препорака, без разлика дали е таа позитивна или негативна, како и дополнително документи во кои се повикува на примери од други земји.
– Од друга страна имавме институции кои препорачуваа само да се брише. Без аргументи, зошто, како, каде е тоа поинаку регулирано…Тоа беше круцијална разлика не само помеѓу ОБСЕ и Совет на Европа, да не се сфатиме погрешно, за сите коментари што доаѓаа и од поединци и од цели здруженија, вели Ивановски. Додава дека и анализата на СЕ и на ОБСЕ се поставени на интернет и граѓаните да ги видат разликите. – Во секој случај ние најмногу ги слушавме порепораките коишто доаѓаа од Република Македонија за членот 4, истакна Ивановски.
Тој изрази задоволство од јавната расправа која беше пренесувана на МТВ3 канал, а на која учествуваа сите засегнати страни во процесот на донесувањето на законот за медиуми.