Во изминатите пет години покажавме дека мора да соработуваат сите институции во државата, со цел сите граѓани да имаат корист и да почувствуваат дека во Македонија се менуваат работите, дека постои економски успех и просперитет. Затоа зборуваме со јазикот на фактите и аргументите. Се што сме ветиле во нашите програми, се сме оствариле и за тоа ви поднесовме отчет, рече вчера во Куманово Ѓорге Иванов, кандидат за претседател на Република Македонија од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За подобра Македонија“.
– Резултатите од првиот круг не мотивираат да истраеме во оваа битка. Да покажеме ново лице во Македонија. Македонија која успева и Македонија во која секој може да успее. Како претседател, во изминатите години ги поддржував сите политики и проекти кои даваат видливи резултати. Проекти, кои ги вклучуваат сите институции и сите граѓани. Поддржував политика зад која стои сериозна и одговорна работа, која значи развој на државата и повисок стандард за сите граѓани на Република Македонија. Затоа, постојано истакнував дека се раководам од принципите на чесност, одговорност, искреност и трудољубивост. Тоа го препознаа граѓаните. Како кај мене, така и кај сите припадници на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“, истакна Иванов.
Подвлече дека од опозицијата ги разликува тоа што се искрени кон граѓаните и дека никогаш не се обиделе нивната доверба да ја добијат само на убави зборови, туку со дела – автопатишта, фабрики, индустриски зони, нови работни места… кои, рече Иванов, се резултат на соработка, заедништво и посветеност, иако во услови на најголема светска економска криза и за време на европска должничка криза.
– Наша цел е Македонија да биде економски силна и развиена држава. Таа да биде поволна дестинација за странски инвестиции. Македонија да биде добар сосед и членка на Европската унија и членка на НАТО. Македонија, како земја која е отворена за соработка со сите земји од светот. Македонија, како земја во која младите можат да добиваат квалитетно образование, да добијат и работа, за да можат да создадат свои семејства и да остават свое потомство. Затоа ја градиме Македонија како земја на соживот, во која ја почитуваме секоја различитост, рече Иванов во Куманово, нагласувајќи дека ако ја добие довербата ќе продолжи со ист интензитет и со иста посветеност и во идните пет години.