Најостра осуда за терористичкиот напад во Куманово од страна на групи чија цел беше дестабилизација на Македонија, како и подготвеност да не се дозволи ескалација на тензиите, изразена е вечерва на седницата на Советот за безбедност, истакна во обраќањето до јавноста претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов.
– На РМ овие два дена и се случи она на што предупредував уште неколку месеци во моето обраќање на Советот за безбедност во ОН. Сторителите и сите инволвирани во овој терористички чин скапо ќе платат затоа што се обидоа да и го сторат на РМ и нејзините граѓани. Сакам јасно да ставам на знаење нема да дозволиме ескалирање на тензиите. Правиме се што е потребно за да не дојде до дестабилизација на државата и нарушување на меѓуетничките односи, рече Иванов.
Тој изрази жалење за загубените животи на припадниците на МВР и побара мудрост од граѓаните, поддршка од лидерите на политичките партии да се однесуваат одговорно, како и од медиумите.
Седницата на Советот за безбедност, во проширен состав, ја свика претседателот Иванов, а присуствуваа претседателот на републичкото Собрание Трајко Вељаноски, премиерот Никола Груевски, министрите за одбрана, за внатрешни работи и за надворешни работи, Зоран Јолевски, Гордана Јанкулоска и Никола Попоски, како и членовите на СБ Вели Креци, Фљора Кадриу и Насер Сејдини.
На седницата присуствуваа и претседателот на СДСМ, Зоран Заев, Талат Џафери од ДУИ и Имер Алиу од ДПА.
Операцијата за разбивање на терористичката група во кумановската „Дива Населба“ е завршена. Групата која беше стационирана во неколку објекти и претставуваше закана по безбедноста на граѓаните на Република Македонија е целосно неутрализирана и елиминирана, соопшти МВР. Во акцијата загинаа осуммина полицајци, а 37 се повредени.