Вечер на полноќ завршува дополнителниот рок за поднесување кандидатури за советници и градоначалници, што во саботата го изгласа Собранието на Република Македонија откако власта и опозицијата постигнаа договор за надминување на политичките несогласувања.
Од опозициска партија СДСМ најавија дека до завршување на рокот ќе поднесат кандидатури за локалните избори до ОИК. За поголем дел од општините веќе се познати имињата на кандидатите за градоначалници од СДСМ и од коалицијата Сојуз на иднината, а во завршна фаза се и изготвувањето на советничките листи. Неколку партиски општински организации веќе ги потврдиле советничките листи.
Либералната партија ќе поднесе свои листи за советници и за неколку градоначалници. Либаралите ќе поддржат и неколку градоначалници кои не се од нивните редови. Промоција на кандидатите најавуваа за сабота.
Државната изборна комисија (ДИК) го адаптираше Роковникот за работа согласно продолжувањето на роковите за доставување кандидатури. Се очекува во недела да се изврши дополнителното жребување по што дефинитивно ќе се знаат редните броеви на листите за гласање. Како што претходно појаснија од ДИК, нема да се врши повторно жребување за редоследот на кандидатите за кои веќе е извршено по првичниот рок 16 февруари, туку тоа ќе се направи само за кандидираните до 8 март на полноќ.
Се очекува денеска да се знае кој ќе ги печати избирачките ливчиња. Според информациите од ДИК, понуди се испратени до печатниците „Киро Дандаро“, „11 Октомври“ и „Европа 92“. Од ДИК уверуваат дека навреме ќе биде направен изборот на печатницата што ќе ги изработи ливчињата и оти тие и покрај продолжените рокови, ќе бидат испечатени и дистрибуирани навреме.
Во меѓувреме се одржуваат обуките на избирачките органи.
За да се испочитуваат законските процедури, Комисијата за верификација на факти во сабота ќе работи во текот на целиот ден за да ги провери новите кандидатури и да се утврди дали некои од кандидатите за советници и за градоначалници биле соработници со трајните служби.
– Постапката ќе се повтори. Имињата на кандидатите за градоначалници и за советници ќе бидат доставени до четирите институции на проверка по што лустрациска која ќе ги разгледа информациите и ќе достави известување до општинските изборни комисии, односно до ДИК, објаснуваат од Комисијата.
Во дополнителните проверки на лустрациска беа откриени тројца соработници на тајните служби. Како што информира портпаролот на Комисијата Предраг Димитровски, она што е индикативно е дека овие лица ја започнале соработката со тајните служби по 1991 година.
Во меѓувреме се одвива и изборната кампања, која започна во понеделникот. Локалните избори во Македонија ќе се одржат на 24 март.е