(ИНТЕРВЈУ) Игор Стојковски, директор на онкологија: Чекор по чекор, Македонија може да стигне до имплементација на моделот на здравствена заштита базирана на вредности

Од:

Директорот на Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија, Игор Стојковски неодамна присуствуваше на конференцијата „Улогата на здравствената заштита базирана на вредности и тестирањата на биомаркери во модерната онкологија“, каде што дебатираа претставници на здравствените власти, онколози, патолози, странски експерти и пациенти. Конференцијата беше организирана од МАНУ – Истражувачки центар за генетско инженерство, МАРО – Македонско здружение за радиотерапија и онкологија, Македонско здружение за патологија и Рош Македонија. Д-р Стојковски од 2023 е вонреден професор на Катедрата за онкологија со радиотерапија при Медицинскиот факултет. Во ова интервју тој говори за бенефитите од здравствената заштита базирана на вредности и нејзиното значење доколку се имплементира во Македонија.

Што значи за едно општество да се имплементира здравствена заштита базирана на вредности?

Стојковски: Здравствената заштита базирана на вредности (VBHC) го мери успехот според здравствените резултати кои се важни за пациентите, како што e стапката на преживување, квалитетот на животот и функционалниот статус, наместо според обемот на услугите. Плановите за лекување, според овој пристап, се прилагодени на потребите и вредностите на индивидуата. Овој модел, кој веќе се практикува во светот, се фокусира на подобрување на квалитетот, ефикасноста и правичноста во испораката на здравствена заштита преку резултати кои се мерливи.

Со други зборови, давателите на здравствени услуги се поттикнати да ги подобрат резултатите на пациентите, како што се стапките на преживување, квалитетот на животот и долгорочното здравје, наместо да се фокусирани на сегментирано давање здравствени услуги. Преку VBHC, системот се насочува на потребите на пациентите, нудејќи персонализирана и координирана нега. Ресурсите се користат ефикасно за да се максимизираат здравствените придобивки додека се минимизираат непотребните трошоци.

Понатаму, постои интегрирана испорака на нега, односно давателите на здравствени услуги соработуваат меѓусебно, со цел да обезбедат најдобра можна сеопфатна грижа со истовремено оптимизирање на здравствените трошоци.

Да бидам најпрецизен, јасно е дека секој пациент сака да биде излечен, тука нема компромис во желбата. Прашањето е каде можеме тука да се најдеме, што ни е важно за пациентот да биде соодветно згрижен? Прво е навремена и брза дијагностика. Навремената дијагностика значи пациентот да прими соодветна терапија, навремено да се следи по строго дефинирани протоколи и процедури, за да се процени ефикасноста на лекувањето или да се промени третманот. Ова не можеме да го постигнеме без соработка со сите медицински и немедицински профили, преку еден интердисциплинарен пристап. Токму ова е тоа што го нуди здравствената заштита базирана на вредности.

Што би добиле пациентите, а што државата, преку здравствената заштита базирана на вредности?

Стојковски: Преку овој модел на здравствена заштита пациентите добиваат нега дизајнирана да ја подобри нивната специфична состојба и целокупната благосостојба. Пациентите добиваат персонализирана нега, односно давателите на услуги ги приспособуваат плановите за третман земајќи ги предвид медицинските потреби, личните преференции на пациентите и можностите на здравствениот систем.

Од она што го имаме проучувано од државите каде што се користи овој модел, намален е и финансискиот товар, со оглед на тоа што се елиминираат непотребните процедури и фокусот е ставен на рентабилната нега. Како рефлексија на сето ова, пациентите добиваат појасни сознанија за очекуваните резултати во однос на интегралните трошоци за нивниот третман.
Што се однесува до бенефитите за државата, најважниот исход е подобрено здравје на населението, бидејќи акцентот се става на тоа да имаме поздрава популација, намалувајќи го товарот од хронични болести и хоспитализации. Поздравите граѓани се попродуктивни, придонесувајќи позитивно за економијата.

Со оглед на тоа што здравствениот систем во земјава се соочува со сериозни предизвици, кадровски, технички и инфраструктурни, колку е можна имплементацијата на овој модел во Македонија?

Стојковски: Точно е дека сме соочени со сериозни предизвици, почнувајќи од одливот на медицински кадар од земјава, како и недостигот од соодветни обуки, дигитализација за собирање и анализирање податоци во однос на здравствените податоци, ниските трошоци за здравствена заштита по глава на жител во споредба со стандардите на ЕУ и неефикасност во распределбата на ресурсите. Она што може да ни застане на патот е и слабата координација меѓу примарното, секундарното и терцијалното здравство, а сето ова кога земјава се соочува со сериозен предизвик и ниска доверба на граѓаните во здравствениот систем.

Сите овие предизвици не би требало да ни застанат на патот за да почнеме да ги спроведуваме активностите и да докажеме дека може и поинаку. Потребно е да се започне чекор по чекор, односно со помали пилот проекти во специфични сегменти, а потоа моделот на здравствена заштита базирана на вредности можеме да почнеме да го зајакнуваме и во останатите здравствени сфери. Она што дополнително би требало да се направи е да се овозможат обуки за здравствениот кадар и секако, да се подобри инфраструктурата, преку модернизирање на објектите и набавка на дијагностичка опрема.

Она што особено би сакал да го потенцирам е потребата од градење специфични регистри за најчестите малигни болести, како и партнерства со интернационални организации, со цел да се добие техничка експертиза, финансиска поддршка и размена на искуства.

Може ли едноставно да се објасни, што би значела здравствената заштита базирана на вредности за еден онколошки пациент?

Стојковски: На пример, онколошките пациенти понекогаш се соочуваат со долго време на чекање за дијагностички тестови и процедури, комуникацијата помеѓу специјалистите е фрагментирана и може да се случи задоцнето започнување на третманот на пациентите. Во вакви случаи, иако сите потребни процедури ќе бидат направени кај пациентот, се случува онколошката терапија да биде дадена со задоцнување или пак, да се започне со еден третман, а подоцна да се добијат вредни информации кои доколку биле навремени, би можеле да овозможат посоодветен третман. Со унапредување и оптимална интеграција на патот на пациентот преку моделот на здравствена заштита базирана на вредности, би можело да се надминат горенаведените проблеми. Пример, пациентот би се упатил на мултидисциплинарен онколошки тим (клинички онколози, радијациони онколози, радиолози, клинички патолози како и други специјалисти) за забрзана и интегрирана евалуација. Во овој случај, напредните дијагностички алатки би се користеле навремено и оптимално, бидејќи тимот лекари би комуницирал поефикасно, а пациентот би добил навремена и подобрена интегрална здравствена грижа.

Би можело да ве интересира

Дел од терапијата што недостасуваше на Онкологија пристигнала денеска, соопшти Таравари

Два лека од оние што недостасуваа пристигнаа на Онкологија

Три лека од оние што недостасуваат се очекуваат денеска и утре на Онкологија

Катерина Ѓуровски

Јаревски: Нема веќе лекови на реверс од омилената веледрогерија на Филипче, мафијата на смртта нема да полни џебови од екстра профити

Стојковски: Пациентите што се третираат на универзитетската Клиниката за радиотерапија и онкологија, ја примаат потребната терапија

Филипче обвивни дека се криеле извештаи за Онкологија за да биде вовлечен во скандалот со лековите

Катерина Ѓуровски