Интензивни подготовки за воспоставување систем за развивање кадаверична трансплантација

Од:

Во тек се интензивни подготовки за воспоставување систем за развивање кадаверична трансплантација (трансплантација од починат донор) во Македонија, софтверските решенија во однос на регистрите се направени, неопходни се измени и собирање податоци. Се очекува да почне изготвувањето листи на кандидати кои чекаат орган. Назначени се петмина болнички координатори кои ќе помогнат во процесот, во докажувањето мозочна смрт и собирањето согласност од роднините на починатиот.

Ова беше истакнато на одбележувањето на Европскиот ден на органодарителство, во организација на Здружението на бубрежно болни „Нефрон“.

Министерот за здравство Венко Филипче рече дека сакаат да го воспостават системот на кадаверична трансплантација за да функционира, без ризик да биде прекинат и да не се темели на ентузијазам.

– Треба да почнеме со правење листи на кандидати кои чекаат орган. Сето после можеме многу полесно да го спроведеме. Во следните неколку недели веројатно ќе завршат сите испитувања, ќе имаме листа на луѓе кои чекаат за трансплантација и од тој момент ќе може да ги анализираме починатите со дополнителни испитувања, истакна Филипче.

Потенцира дека побарале листи од сите центри за дијализа во земјата да им ги пратат потенцијалните кандидати за таква трансплантација.

– Во овој момент се прават дополнителни медицински испитувања во однос на коморбидитетите кои тие пациенти ги имаат и врз основа на тоа ќе имаме чиста листа на пациенти на кои им е потребно пресадување бубрег. Во моментов се испитуваат сто пациенти, дел од нив направиле HLA типизација која е неопходна за да бидат кандидати за трансплантација, на 20 пациенти им се прави таа типизација и сите заедно се испитуваат за коморбидитетите, односно дали нешто ќе ги направи тие да не се добри кандидати за трансплантација. Се надевам дека тоа ќе заврши во следните недели и таа листа ќе биде подготвена, рече Филипче.

Појасни дека врз основа на таа листа ќе го почнат процесот заедно со националниот кооординатор и болничките координатори за повторно активирање на системот, утврдување мозочна смрт и кадаверична трансплантација на бубрези.

Во овој момент, нагласи, ни недостига експертиза на дел од условите и заради тоа го разгледуваме процесот на приватно јавно партнерство со приватните болници и носење странска екпертиза кај нас. Појасни дека ја смениле мрежата на установи, дале дополнителен број лиценци за трансплантација и дека се подготвени огласите за добивање лиценца за трансплантација во приватните болници. Според него, станува збор за процес, кој ќе биде строго контролиран од Министерството за здравство, од стручни тимови кои работат на клиниките и од националниот координатор и ќе имаат целосен увид во процесот на трансплантација и во листите…

– Идната година еден од приоритетите за инфрастурктурно преуредување е Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување, а како анекс се наоѓа и Центарот за трансплантација. Овие денови ја почнуваме постапката за проект, а на почеток на следната година и целокупниот процес на реновирање и заедно со болницата во Кавадарци и делот за палијативна нега на деца во Институтот за белодробни заболувања кај децата во Козле, рече Филипче.

Во следниот период, нагласи, првпат ќе биде изведена и несродна трансплантација од несроден донор на хематопоетски клетки, што е еден значаен напредок заради тоа што досега тие пациенти се испраќаа во странство. Додаде дека со овој вид трансплантација нема да биде опфатена детската популација.

Националниот координатор за трансплантација, д-р Маја Мојсова Миовска рече дека работат на системот за развивање на трансплантација од починат донор, софтверските решенија во однос на регистрите се направени, неопходни се измени, собирање податоци.

– Тоа што е најбитно е развивањето на трансплантацијата после мозочна смрт. Може да имаме колку сакаме центри, но доколку немаме донори нема да имаме ни трансплантација, рече Мојсова Миовска.

Таа потенцира дека годинава од жив донор биле извршени 16 трансплантации, а до крајот на годинава очекуваат бројот да изнесува 20. Истакна дека се назначени петмина болнички координатори кои ќе помогнат во процесот, во докажувањето мозочна смрт и собирањето согласност од роднините.

– Ги правиме интервјуата со млади лекари кои доброволно ќе се вклучат во овој процес и прво ќе има едукација на медицинскиот кадар, а потоа и едукација на населението, додаде Мојсова Миовска.

Претседателот на Здружението на бубрежно болни „Нефрон“, Душко Ѓорѓиев рече дека неопходна е национална кампања во текот на целата година, за да се подигне свеста кај населението за донирање органи после смртта, бидејќи тоа е предуслов за отпочнување на кадаверичната трансплантација и спасување многу животи.

– Листата од познат донор веќе не постои на наша среќа. Секој кој има обезбедено орган од познат донор се трансплантира во едно разумно време, два до три месеци, значи нема чекање. Во отсуство на кадаверична транплантација листата е условна. Стручните луѓе оперираат со некоја листа од 150 до 170 луѓе. Aко немаме кадаверична трансплантација ние немаме типизација на пациенти и вистинскиот број пациенти кои чекаат за трансплантација не го знаеме, додаде Ѓорѓиев.

Би можело да ве интересира

Времено отстранети двајца доктори од Детска клиника, за кои се води дисциплинска постапка за смртта на 14-месечното бебе

Предраг Петровиќ

Укината забраната: лекарите од приватното ќе може да се вратат во јавното здравство

Катерина Ѓуровски

Зголемување над 60 проценти на болни од Ковид-19, регистрирани 271 случај минатата недела

Предраг Петровиќ

Демири го разреши директорот Шокаровски поради висока смртност на Кардиохирургија

Анита Петровска Рајковиќ

Вработените во здравството ќе протестираат на 8 април, нема да добијат усогласување со минималната плата

Протест на лекарите специјализанти, во тек состанок со претставници на Министерството за здравство