Институт за демократија: Во Собранието нема дебата

Од:

Квалитетот на дебатата во Собранието доби средна оценка 5,5 во Извештајот на Институтот за демократија од Скопје за периодот од 4 август до 31 декември 2020 година.

-Извештајот го потврдува ниското ниво на квалитетот на дебатата во Собранието во последните две години и заклучокот дека постои значителен простор за подобрување, соопштија денеска од Институтот за демократија, од каде од јуни 2014 година го следат квалитетот на дебатата во Собранието и работата на Собранието генерално.

Од јануари 2020 година почна четвртиот циклус на мониторинг, во рамки на Програмата за парламентарна поддршка (ПСП), која се спроведува во партнерство со Националниот демократски институт (НДИ) и Центарот за управување со промени (ЦУП). Мониторингот се фокусира на дискусиите кои се однесуваат на точки од собранискиот дневен ред кои спаѓаат во областите на владеење на право, човековите права и демократија.

-На скала од 1-најнизок до 10-највисок, средната оценка на квалитетот на дебатата во Собранието е 5.5 и е пониска во споредба со претходните периоди на набљудување, за кои оценката за квалитетот на дебатата се движеше од 6.0 до 6.3. За разлика од минатите периоди квалитетот на дебата во Собранието не ја добива минималната потребна оценка (6.0) за да се именува како дебата, стои во Извештајот.

Поактивни со вклучување во дискусиите биле пратениците од опозицијата, кои учествувале во 61 отсто од набљудуваните дискусии, додека пратениците од власта учествувале во 39 отсто. Најчесто за збор се јавувал и најдолго на пратеничката говорница се задржал Бојан Стојаноски. Меѓу најактивните 10 пратеници, се најдоа три пратенички, Гордана Сиљјановска Давкова, Дафина Стојаноска и Жаклина Лазаревска, една пратеничка повеќе споредено со претходниот период (јули – декември 2020).

Во набљудувачкиот период се одржала само една седница на пратенички прашања. Во однос на аргументацијата на дискусиите генерално, како што се наведува, се забележува значителен пад во аргументирањето во споредба со минатиот период. Говорниците во 44 отсто од нивните излагања немаа аргументи, додека во 45 отсто слабо аргументираа. Еден или повеќе аргументи се забележани во само 11 отсто од дискусијата, за разлика од 29 отсто во претходниот период на набљудување, информира Институтот за демократија.

-Процентот на промена на став поради подобри аргументи останува значително низок за да може да се констатира дека пратениците демонстрираат можноста за отвореност за исправноста на аргументите на другата страна. Во 54 отсто од дискусиите, пратениците не се осврнуваат на силата и квалитетот на аргументите на другите говорници, додека во 37 отсто пратениците останаа на својот став и не ја признаа вредноста на аргументите на колегите од другите политички опции, што е за 27 отсто повисоко од претходниот период (10 отсто), стои во Извештајот.

Пратениците повеќе се осврнуваат кон разгледување на личноста на соговорниците отколку кон нивните аргументи. Во 16 отсто од излагањата, пратениците искажале почитување или делумно почитување кон аргументите на пратениците од другата политичка партија, додека непочитување или делумно непочитување кон аргументите искажале во 26 отсто од дискусијата. Почитување или делумно почитување кон нивната личноста искажале во 32 отсто, додека непочитување или делумно непочитување искажале во 20 отсто од дискусијата.

-Извештајот го потврдува и константно нискиот осврт на пратениците кон правата на маргинализираните групи, низ сите периоди на набљудување. Забележано е дека пратениците во над 93 отсто од нивната дискусија не се осврнуваат кон правата на маргинализираните групи, доколку специфично не се дискутира за одреден закон или тема на дневен ред поврзано за нивните права. Слично со претходниот период (јули – декември 2019), ниедна маргинализирана група не е застапена повеќе од 3 отсто во дискусиите, информира Институтот за демократија од Скопје.

Би можело да ве интересира

Ковачевски: Доаѓа ново време, со работа почнуваме веднаш

Избрана е новата Влада

Катерина Павлова-Николовска

Пешевска: Најодговорните министри за сите криминали повторно се во Владата

Сајкоски: Предложената влада е лош експеримент на Заев

Каевски: Лицемерието на Левица не поминува ниту во Собранието, ниту кај граѓаните

Георгиевска: Од каде го црпеше Мицкоски легитимитетот кога се обидуваше да стане мандатар, а не беше ни на пратеничките листи