Иноватори од Кавадарци и Кочани почнаа со производство на тунели или комори за дезинфекција. Професорот Димитрија Ангелков од Кавадарци за МИА вели дека коморите се идеални за дезинфекција на луѓето при влез во продавница, банка, училиште, институција,…
Како што објасни, системот троши минимално количество дезифициент зашто сензор ја определува висината на лицето и во зависнот од тоа се активираат соодветен број прскалки и количество на дезифициент. Може да се користи кое било средство за дезинфекција во зависност од можностите на клиентот.
-Ние експериментиравме со раствор на сол и вода. Во банките во Италија поставуваат крпи поставени во солена вода на рачките од влезните врати. Солта не дозволува вирусот да живее. Еве една сугестија за сите да го користиме ова решение на рачките од влезните врати, нагласи Ангелков.
Според него, системот има мала тежина и се покажал во пракса како идеално средство за брза, лесна и економична дезинфекција.
-Паметната дезинфекција почна благодарение на прифатениот предизвик од мојот партнер Ѓорѓи Додевски од Кочани. Спојот од фирмите „Креатива” и „Интерактивна иднина“ придонесе за развој на паметна дезинфекција, додаде професорот кој е доктор на електротехнички науки со бројни иновации и награди.