Претставници на неформалната фејсбук-група граѓани „Учебници и настава мора да има“, која од четвртокот повикува на бојкот на наставата, утре ќе има средба со претставници на Министерството за образование и наука за да ги презентираат своите барања.
Драгана Спасевска од фејсбук-групата објави дека се поканети утре напладне да имаат средба со претставници на МОН, на која поради обврски нема да присуствува министерката Мила Царовска.
Спасевска тврди дека бојкотот во училиштата, кој го почнаа минатиот четврток, е помасовен и имаат се поголема поддршка за нивното барање да се стопира постапката за донесување на законот за учебници и наставни материјали во основното и средното образование.
– Се повеќе имаме поддршка за бојкотот, но утре е клучното што ние како родители го бараме и ќе видиме дали од нивна страна ќе имаме црвено или зелено светло. Потврдено е дека Царовска нема да биде на средбата, ние баравме, но не известија дека имала работни активности, рече Спасевска.
Нивните барања и најавата за бојкот беа соопштени минатата среда пред МОН. Бараат да се организира јавна расправа за предложениот закон, а нивни стручни претставници непосредно да учествуваат во негова ревизија и интервенции. Според нив, предлог-законот не ги решава проблемите што постојат во образованието и генерира нови, има и недоследности и импликации во останатите закони што се однесуваат на образованието во земјава.
Фејсбук-групата „Учебници и настава мора да има“ има над 70 000 приврзаници кои, како што рече Спасевска, се „гласот на родителите” кои алармираат дека во државата има руинирани училишта без нормални услови за настава, дека секое седмо дете нема ИТ- уред и интернет.
Посочи дека не се против осовременување на образованието со дигитални алатки, но тие да бидат дополнителни помагала, а печатените учебници да останат во употреба.
-Во нашата фејсбук-група направивме и анкета во која родителите имаат многу барања во образованието – печатените учебници да останат во употреба во наставата, да нема спојување на два предмета во еден, да се исклучи сеопфатното родово сензитивно образование, што побргу да се донесат протоколи за враќање на децата во училишните клупи и нам, родителите, да ни се овозможи да имаме право да предлагаме изучување на темите во образовнието, додаде Спасевска.
Според Предлог-законот за учебници и други наставни и дидактички материјали во основно и средно образование, дигиталните учебници треба да почнат да се употребуваат од учебната 2021/2022 година, најпрво во наставата за четврто одделение, а потоа етапно, во наредните пет години, и во сите погорни одделенија. Учениците до трето одделение ќе продолжат да учат од печатени учебници.