Словенечката претседателка Наташа Пирц Мусар денеска во Скопје изјави дека според нејзините сознанија иницијативата која ја покренаа седум земји-членки на Европската Унија, меѓу кои и Словенија за промена на начинот за носење одлуки за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, се однесува и на процесот на проширување.
-Словенија е една од оние седум држави кои сакаат некои прашања да не се решаваат со консензус, туку со мнозинство. Колку што знам и колку што следам тоа се однесува и на процесот на проширување и тоа може да го олесни патот на која било држава која сака да влезе во ЕУ, рече Пирц Мусар, одговарајќи на новинарско прашање на заедничката прес-конференција со претседателот Стево Пендаровски.
Таа нагласи дека Словенија ги поддржува промените во ЕУ и додаде дека понекогаш да се бара консензус за одредени прашања од сите земји-членки е многу тешко и доаѓа до застој внатре во некои процеси во Унијата.
Според Пирц Мусар блокадите внатре во ЕУ се понекогаш последица на лоши одлуки, кои не ги движат работите во насоката, која таа ја посакува, особено во однос на решенијата кои се однесуваат на регионот на Западен Балкан.
-Словенија и во иднина ќе поддржува одлуките да не се усвојуваат со стопроцентен консензус, додаде словенечката претседателка.
Министрите за надворешни работи на седум земји членки на ЕУ предлагаат поголема употреба на квалификуваното мнозинство при носењето одлуки поврзани со заедничката надворешна и безбедносна политика на Унијата. Како што објави бриселскиот портал „Политико“, во иницијативата зад кој стојат шефовите за дипломатиите на Белгија, Хаџа Лабиб, на Германија, Аналена Бербок, на Луксембург, Жан Аселборн, на Романија, Богдан Ауреску, на Словенија, Тања Фајон, на Холандија, Вопке Хекстра и на Шпанија, Хозе Мануел Албарес Буено, се посочува дека предлагаат прагматичен пристап кој се фокусира само на прашањата за надворешната и безбедносната политика на ЕУ и користи одредби веќе вградени во Договорот за Европската унија, со цел да се овозможи пофлексибилен начин на одлучување што би бил во интерес на сите.
Министрите предлагаат поголема употреба на принципот на „конструктивна воздржаност“, односно одлуките да не се носат со консензус, туку земја која не се согласува со одреден предлог да не гласа против со цел да се овозможи негово усвојување.
– Земјите членки веќе почнаа да ја користат оваа едноставна, но многу ефикасна опција, која дозволува донесување на одлука, со тоа што една земја нема да гласа „против“ неа и нема да ги блокира другите 26 членки да продолжат напред. Колку ефикасна може да бидат „конструктивната воздржаност“ видовме минатиот октомври, кога Советот за надворешни работи гласаше за новата Мисија на ЕУ за обука на украинската војска. Сакаме да го надградиме овој тренд и се обврзуваме систематски да ги испитаме нашите сопствени позиции со цел да се префрлиме од гласање „против“ на „конструктивно воздржување“, се посочува во предлогот.
Седуммината шефови на дипломатиите предлагаат ваквото одлучување да се стави на „практичен тест“ за одлуки поврзани со одредени области од надворешната политика на ЕУ, за кои врз основа на член 31 од Договорот на Европската Унија, може да се решава со квалификувано мнозинство.
Дополнително, тие предлагаат ваквиот начинот на решавање да се користи за одлуки кои не е потребно формално гласање, но сепак во пракса се применува консензусот.
Според предлагачите, потребна е ЕУ која дава цврсти и опипливи резултати, па затоа е потребно подобрување на нејзиниот капацитет за дејствување во време на криза.