Нови дојави за наводно поставени бомби добиле 18 основни и средни училишта на подрачјето на Скопје. Ученците се евакуирани, а ќе бидат направени и антитерористички проверки.
Ова е трет ден по ред оваа седмица како во училиштата е прекината наставата поради одјави за бомби. Вчера дојави имаше и во трговските центри и во МРТВ. По напревените проверки МВР информираше дека сите биле лажни.
Иницијативата „Учебници и настава мора да има“ објави на Фејсбук дека дојавите за бомби во училиштата се испраќале од електронската пошта „Бугарска револуција“ и ги повикаа МВР, МОН и МНР да го истражат случајот.
„Бугарите се играат и со нашите деца!
Од е-маил на “Бугарска револуција” се праќаат дојавите за бомби во училиштата!
Ги повикувам МВР, МОН и МНР да го истражат случајот и да ја преземат работата во свои раце и во ниту еден случај да не дозволат децата да се користат во надворешни политики и закани!
Никој нема право да им го крати образованието на нашите деца, а уште помалку да предизвикува стрес и немир кај сите нас!
Сега кога веќе е познато кој си игра со нашите деца, време е МОН како одговорен за воспитно-образовниот процес, да покаже крајна одговорност и сериозност кон ДЕЦАТА И РОДИТЕЛИТЕ!
Да побара од погоре наведените министерства да го решат и завршат овој проблем и да ги остават нашите деца непречено да ја следат наставата!
Децата не се виновни за вашите проблеми со Бугарија кои вие сами ги создадовте!“ напиша Драгана Спасевска, овластен застапник на граѓанската иницијатива “Учебници и настава мора да има”