Судии, градоначалници, функционери, но не и обвинители, во првите три квартали во 2021 година ќе треба да го образложат својот имот. Претседателката на Државната комисијата за спречување на корупцијата Билјана Ивановска вели дека со оваа проверка ќе бидат опфатени сите судии, градоначалници и функционери за кои граѓаните имаат поднесено претставка, по што ќе се направи селекција и ќе бидат објавени.
Први на тапет, како што појасни Ивановска, ќе бидат 15 градоначалници и градоначалникот на Град Скопје. Проверката на имотна состојба на оваа категорија јавни функционери ќе се реализира во првиот квартал на годината што следи, односно во пресрет на локалните избори што треба да се одржат во октомври 2021 година. Меѓутоа од ДКСК, посочуваат дека во зависност од средствата со кои располагат така и ќе прават селекција на проверките.
Судиите и останатите функционери, според Годишниот план за проверка на имотната состојба и интереси на ДКСК, ќе бидат проверени во вториот, односно третиот квартал на годината. Меѓу судиите на кои ќе им биде проверен имотот се и двајца претседатели на судови.
Паралелно со ДКСК, свои постапки за проверка, но за работата на судии, следната година ќе врши и Судскиот совет. Долгите судски рочишта, безбројните одложувања и неефикасните постапки ќе бидат деловите каде ќе се проверува работата на судиите.
Методоголијата за прочистување на правосудството доби зелено светло и од Советот за реформи во судството. Целта на сите овие постапки според најавите на власта е враќање на довербата на граѓаните во судските органи.
Обвинителската работа исто така е една од најчестите критикувани професии во државата. За нивната работа, државниот јавен обвинител Љубомир Јовески, на новогодишната средба со новинарите посочи дека во текот на оваа година покренати се дисциплински постапки против пет јавни обвинители кои сториле повреди во текот на работењето. Еден од овие обвинители кај кого било утврдено нестручно работење, поднел оставка која ја констатирал Советот на јавни обвинители.
Пандемијата предизвикана од Ковид-19 беше причина многу државни институции да работат со половина работно време, но ова не беше случај со Јавното обвинителство. Според статистичките податоци од ОЈО, во време на вонредната состојба, која траеше скоро 3 месеци биле покренати постапки против 3.500 лица за непочитување на здравствените прописи. Воедно, обвинителствата во ниво на државата досега постапувале во над 25.000 кривични дела.
Предмет „Империја”, кој е еден од најголемите случаи покренати од поранешното СЈО, како што најави јавниот обвинител Љубомир Јовески, се наоѓа во фаза на вештачење. Овој случај каде меѓу осомничените се бизнисменот Јордан Камчев и поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, сега го води Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, кое го раководи обвинителката Вилма Рускоска.
Држaвниот јавен обвинител Љубомир Јовески, на дигитална предновогодишна средба со шефовите на обвинителствата, посочи дека тие треба да бидат горди на професијата која ја одбрале. Според него, нападите на јавно обвинителската не треба да се отфрлат, туку треба да се земат како поттик за уште поголемо и професионално ангажирање.