Собранието на Република Македонија попладнево во рамки на 45. седница го именува Иљми Селами за заменик министер за одбрана.
Премиерот Никола Груевски во обраќањето пред пратениците рече дека по оставката на актуелниот заменик министер за одбрана се наложи потребата од предлагање нов заменик министер во ова Министерство.
Премиерот рече дека Иљми Селами има завршено политички науки на Правниот факултет, бил член а потоа и претседател на Антикорупциската комисија, а од 2008 година е на различни позиции во Министерството за одбрана. – Селами веќе 6-7 години е во ова Министерство и прилично добро го познава. Од 2013 година е упатен на работа во Меѓународната организација Центар за безбедносна соработка во Загреб, Хрватска, истакна Груевски.
Имајќи го во предвид неговото образование и искуство, особено во делот на работењето во Министерството за одбрана, премиерот изрази верување дека Иљми Селами со успех ќе ја извршува функцијата заменик министер за одбрана.
Собрание попладнево расправаше по Предлог – законот за претворање на побарувањата на Република Македонија по основ на данок на додадена вредност и платени обврски кон странски кредитори и странски железнички претпријатија во траен влог во МЖ Транспорт АД Скопје, констатира дека е прифатлив и оти може да се даде на натамошно читање.
Заменик министерот за финансии Ардијан Џеладини рече дека со предложеното законско решение ќе се овозможи финансиска консолидација на МЖ Транспорт АД Скопје по пат на конверзија на побарувањата на Република Македонија во траен влог во друштвото МЖ Транспорт АД Скопје.
– МЖ Транспорт АД Скопје како единствен железнички превозник нна патници и стока на територијата на РМ со оглед на Законот за железнички систем попседува дозвола за вршење јавен железнички превоз, а со тоа мора да е и финансиски сопсобен за да може да ги исполнува своите обврски кон нормални услови на работење во период од 12 месеци, рече Џеладини.
Долгот на претпријатието од странство е голем, истакна тој и додаде дека вкупните обврски на МЖ Транспорт АД Скопје по основ платени обврски од страна на Министерството за финансии кон странски кредитори и странски железнички претпријатија изнесуваат 4,92 милиони евра и тоа кон Светска банка по основ на Законот за гаранција на Република Македонија по Договорот за заем наменет за Проектот за реформи во железницата.
Предлог законот се заснова на зголемување на ефикасноста на работењето на МЖ Транспорт АД Скопје и обезбедување на финансиска стабилност на ова претпријатие.
– Донесувањето на овој закон е со цел да се реализира проектот „Набавка на нови влечни и влечени средства“ и можноста на плаќање на ДДВ и употреба на средствата од враќање на ДДВ за да се подобри ликвидноста на ова Акционерско друштво во неговото работење, рече Џеладини.
Основно решение што се предлага со ова законско решение, како што појасни, е претворање на побарувањата на Република Македонија по основ на данок на додадена вредност и платени обврски кон странски кредитори и странски железнички претпријатија од страна на Република Македонија во период 2012-2014 година во траен влог во МЖ Транспорт АД Скопје до влегување во сила на овој закон.
Предлог законот се заснова на зголемување на ефикасноста на работењето на МЖ Транспорт АД Скопје и обезбедување финансиска стабилност на ова претпријатие.
Пратениците го прифатија и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за јавните набавки и го дадоа на натамошно читање.
Донесување на ова законско решение е со цел да се допрецизираат и подобрат одредени одредби кои се однесуваат на начинот на постапување на Советот за јавни набавки, да се доуреди начинот на вклучување стручни лица при одлучувањето на Советот за јавни набавки, да се воведат задолжителни електронски јавни набавки прогресивно во распон од следните три години, да се воведат одредени олеснувања од системот на согласности кои ги издава Советот за јавни набавки, да се доуреди постапката со барање за прибирање понуди во делот на докажување на способноста на понудувачите, да се продолжи рокот за проверка на документацијата за утврдување способност кај набавките со проценета вредност над 1 милион евра поради сложеноста на овие постапки и да се воедначи праксата при појава на дополнителни, работи, непредвидени работи, вишоци и кусоци на работи при реализација на договорите за јавна набавка на работи.
Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за јавните набавки се заснова на основните начела на Законот за јавните набавки, а особено на начелата на транспарентност и рационално трошење на јавните средства.
Пратениците го прифатија и Предлог законот за користење и располагање со стварите во државна сопственост и со стварите во општинската сопственост и го дадоа на втроро читање.
Заменик министерот за финансии Ардијан Џеладини рече дека Предлог законот се уредува начинот, условите и постапката за користење и располагање со недвижните и движни ствари што ги користат државните органи и правните лица основани од државата.
Собранието го прифати и Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за постапување со бесправно изградени објекти и го даде на натамошно читање.
Целта на предложените измени, како што образложи министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, е да се овозможи спроведување на постапките за утврдување на правен статус на бесправни објекти кои се наоѓаат на земјиште на кое е предвидена изградба на сообраќајна инфраструктура и кои се изградени во заштитен крајбрежен појас на вештачки езера и речни корита, јасно дефинирање на надлежноста за спроведување на постапките за утврдување на правен статус на трафостаници и допрецизирање на постапката по однос на линиските електронски комуникациски мрежи и средства.
Предлогот законот се заснова на начелата врз основа на кои е донесен Законот за постапување со бесправно изградени објекти.
Собранието попладнево го усвои Годишниот извештај за работењето на Дирекцијата за заштита на личните податоци за 2014 година и донесе Одлуката за одобрување на Годишниот извештај за работата на Агенцијата за регулирање на железничкиот сектор за 2014 година.
Претседателот на Собранието на Република Македонија Трајко Вељаноски ја прекина работата по 45-тата седницата, а продолжението го закажа за утре.