Зголемување од 45,5 отсто бележи бројот на заболени од грип последната недела, во однос на претходната недела. Во периодот од 20.01 до 26.01 пријавени биле 1.600 нови случаи со заболувања слични на грип, па нивната вкупна бројка изнесува 4.318 лица, извести Институтот за јавно здравје.
„Како и во претходните, така и во четвртата недела најголем број случаи, 59,6%, се пријавени во најголемата возрасната група – лица од 15 до 64 години, додека највисока инциденца е регистрирана кај најмалите, децата на возраст од 0 до 4 години. Најголем број случаи се пријавени од подрачјето на Скопје (n=286), додека највисока инциденца е регистрирана на територијата на Дебар, со 119 пријавени случаи“, соопшти Институтот за јавно здравје.
Во 7 извештајни единици кои пријавиле случаи во текот на оваа недела се регистрира многу ниска активност, во 14 е регистрирана сезонска, ниска активност, во 2 – Струмица и Кавадарци – висока и во една – Дебар се регистрира многу висока активност на вирусот на грип.
Во споредба со истиот период од минатата сезона, постои зголемување на вкупниот број на пријавени случаи за 45,4%, а во однос на моделот од последните 9 сезони се регистрира намалување од 38,9%.
„ Во пораст е интензитетот и распространетоста на вирусот, што заедно со високиот процент на позитивни изолати на грип укажува на висока активност на вирусот на грип. Во позитивните примероци, детектирани се и Influenza A и Influenza В тип на вирусот. Се очекува натамошен пораст на активноста на вирусот и достигнување на пик на сезоната на грип во текот на следните недели“, стои како епидемиолошки коментар во извештајот за состојбата со грип.
Институтот за јавно здравје препорачува вакцинација на целото население, особено на лица кои припаѓаат на т.н. ризични групи, односно лицата над 65 години, деца на возраст од 6 до 59 месеци, лица постари од 6 месеци со хронични болести, бремени жени и здравствени работници.
Според податоците од Управата за електронско здравство, од почетокот на вакцинацијата на 15.11.2019, а заклучно со оваа недела, вакцинирани се вкупно 28.095 лица од ризичните категории население со бесплатни вакцини, а согласно достапните податоци со комерцијални вакцини биле вакцинирани 14.627 лица.