Политичките елити кои беа директни и индиректни творци на 27 април, се дрзнаа да одредуваат за вината на обвинетите во случајот. Во протестите ме нервираше една работа, а тоа е, оние кои највеќе повикуваа на протести, ниту еднаш не излегоа. Ние ги биравме за да не водат, а не да се кријат зад нас. Но по се изгледа не беше така, рече обвинетиот Игор Југ во своите завршни зборови на денешното рочиште за крвавиот четврток.
„За да ги спасат своите задници и банкарски сметки наместија невини луѓе да спијат во затвор, а оние кои ги отворија вратите добија амнестија за да не кажат кој им кажа да го сторат тоа. Покрај отворачите на порти, во амнестијата се протнаа и ликовите од Готам сити, предводниците на револуцијата која дебело ја наплатија“, рече Југ.
Според Југ, неговиот физички изглед бил пресуден да се најде помеѓу обвинетите, ќелав, тетовиран, висок и со над 100 килограми, а дополнителен фактор била маицата ХОС која ја носел.
Тој рече дека во Собранието не сторил никакво кривично дело, но со изгледот и гардеробата направил бум.
Југ потенцираше дека немал задача да го убие премиерот Зоран Заев, а доколку сакал да го стори тоа можел да го направи без проблем.
„Ако сум имал задача да го убијам Заев, зошто не сум го сторил тоа. Да сакав таму можев било кого да задавам со раце, не ми требаше оружје. Јас не се ни обидов да му пријдам на Заев. Ако бев атентатор ќе носев маска и долги ракави за да ги прикријам тетоважите. Кој би најмил ветеринар да го убие премиерот. Тоа го прават професионалци. Кој калибар сум јас за да ми дадат задача да го убијам премиерот. Имам шеќер од кој ми е расипан видот. За ладнокрвно убиство треба способен човек и професионалец“, рече Југ.
Судењето за 27 април продолжува со завршните зборови на обвинетите. На денешното рочиште завршен збор дадоа разузнавачот Мунир Пепиќ, Јане Ченто, Игор Дурловски, Горанчо Анѓеловски Ќосето и Игор Југ.
Останува свој завршен збор да дадат обвинетите Влатко Трајковски, Вилијам Михајловски, Никола Митровски – Кољо и Александар Василевски. По завршување на завршните зборови следува пресуда за крвавиот четврток.
Виктор Јованов