Игор Гиевски е главен во истрагата за земјиштето во Делчево: Пријавено како подарок, а на ЕВН е продадено за 1,5 милион евра

Од:

Игор Гиевски, управител на „ЕВН Македонија Електрани“ е главниот осомничен во истрагата за ЕВН поради која минатата недела се правеа претреси по домови на лица во Скопје и Делчево, дознава „А1он“. Се работи за продажба на земјоделско земјиште во Делчево, а во истрагата во оваа фаза се вклучени неколку државни институции. Според информации на „А1он“, Гиевски заедно со уште петмина, од кои тројца се физички лица, а двајца вработени во ЕВН, земјиште кое прикажале дека го добиле како подарок, неколку дена подоцна, го продале за 1,5 милион евра на ЕВН. „А1он“ исконтактира со управителот Игор Гиевски.

„Не би коментирал сега ништо“, одговори Гиевски на прашањето од „А1он“ дали и кај него е направен претрес, по што додаде: „Немаме никаква информација. За се друго што ве интересира имаме официјален портпарол. Нема таква информација, се што е дојдено е преку фирмата, така што, немам што да ви додадам“, рече Гиевски прашан дали против него се води предистрага, истрага. На прашањето дали има поврзаност со земјиштето кое е предмет на скапа продажба во Делчево Гиевски одговори: „Не би коментирал“.

Од ЕВН потврдија дека има истрага за набавките на земјиштето.

„Околу истрагата немаме коментар никаков со оглед на тоа што соработуваме со Финансиската полиција и се што треба таму е доставено. Ние не сме истражители за да истражуваме кој на кој препродавал земјиште пред да биде продадено на ЕВН Електрани, тоа треба да се утврди во истрагата“, велат од ЕВН за „А1он“.

„А1он“ од истражителите дознава дека три физички лица во рок од десет дена станале сопственици на 150.000 квадратни метри земјоделско земјиште во Делчево врз основа на договор за дар. Сопственици на земјиштето биле триесетмина други физички лица кои, според документацијата, го подариле земјиштето. Реалната пазарна вредност на земјиштето се движи од 10 до 30 денари за квадратен метар, но само неколку дена откако бил склучен договорот за дар, трите физички лица го продале истото земјиште на ЕВН за 1,5 милион евра. Трите физички лица кои го купиле па го продале земјиштето на ЕВН и тројцата вработени во ЕВН, истражителите утврдиле дека се семејно и пријателски поврзани.

Сомневањата во истрагата кои се уште не се докажани, се дека ваквата продажба била користена за да се извлечат пари од ЕВН за финансирање на ВМРО – ДПМНЕ. Се уште се работи на утврдување на патот на парите.

Триесетте физички лица во чија сопственост било земјиштето во Делчево пред да почне да се препродава и да менува сопственици, на истражителите им кажале дека земјиштето само во документацијата било отстапено како дар. Реално, „А1он“ дознава, дека сите биле исплатени во кеш, но се согласиле во документацијата да стои дека го подариле. Истрагата утврдила дека овој чекор, дарувањето, било неопходно за во јавноста да не дознае за купопродажбата, оти смената на сопственоста на земјоделското земјиште на кој било друг начин, задолжително треба да се огласи во Службен весник. Исклучок од оваа законска обврска е само дарувањето кое не мора да биде огласено.

Од Обвинителството велат дека се издадени наредби и од нивна страна за обезбедување на докази.

„Се постапува за да се направат неопходните проверки по претходно добиени сознанија за извршени сомнителни трансакции на парични средства помеѓу ЕВН ЕЛЕКТРАНИ МАКЕДОНИЈА ДООЕЛ Скопје и повеќе физички лица. До Основното јавно обвинителство Скопје денеска се доставени записници и известувања за извршените претреси“, велат од Обвинителството за „А1он“.

Истрагата се уште е во тек. Скапата продажба била пријавена кај Љупчо Николовски, заменик на претседателот на Владата за борба против корупцијата и криминал, одржлив развој и човечки ресурси. Главниот осомничен Игор Гиевски во минатото извршувал и партиски функции во ВМРО-ДПМНЕ, меѓу кои и претседател на Унијата на млади сили на партијата.

Би можело да ве интересира

Осомничените за „Делчевски ниви“ да излезат од затворот во Шутка, му предлага обвинителот на судот

Кристијан Ландов

Одредени притвори на осомничените за продажбата на парцели за „ЕВН Електрани“

Ландов

ВИДЕО: Осомничените за парцелите во Делчево спроведени во суд

Ана Ололовска

Седуммина осомничени за измама во службата

Ана Ололовска

Уапсени Митровски, Гиевски и петте вмешани во продажбата на парцели за „ЕВН Електрани“

Ана Ололовска

Случај ЕВН Електрани: како се одвиваше шемата за продажба на нивите за 1,5 милиони евра

Ана Ололовска