Бедредин Ибраими, член на Државната изборна комисија, денеска до претседателот на Собранието Талат Џафери достави укажување со предлог за ставање вон сила на одлуката за објавување јавен оглас за избор на еден член на ДИК.
Собранието вчера ја донесе оваа Предлог-одлука за избор на нов член на ДИК откако претходно беа прифатени измените на Изборниот законик со кој се предвидува составот на ДИК да биде усогласен со составот на Парламентот по последните парламентарни избори. Со тоа се овозможува разрешување на Ибраими кој како член на ДИК е предложен од страна на ДПА и избирање на нов член на ДИК од редот на втората по освоени гласови опозициска партија на последните парламентарни избори БЕСА.
Ибраими денеска на прес-конференција рече дека неговиот мандат не е истечен и дека ќе ги искористи сите правни лекови да докаже дека измените на Изборниот законик се противзаконски. Ова, како што кажа, според него е прва изборна нерегуларност во пресрет на локалните избори закажани за 15 октомври.
– Ќе ги бранам моите права со сите правни средства, рече Ибраими.
Во укажувањето што тој денеска го достави до претседателот на Собранието Џафери, наведува дека вчерашната одлука за оглас за избор на член на ДИК е противзаконска. Смета дека за избор на член на ДИК треба да постои реална потреба од тоа, а таква потреба не постои од причина што на ниту еден од веќе избраните членови на ДИК не им престанала функцијата пред истекот на мандатот од пет години сметано од денот на нивниот избор.
– За да ја донесете спорната одлука најпрвин треба да донесете одлука за разрешување на член на ДИК и тоа само ако е исполнет еден од условите утврдени во членот 28 став 1 од Изборниот законик, наведува Ибраими во документот доставен до Парламентот.
Мандатот од пет години, според него, е стекнато право на постоечките членови на ДИК и не може да се одземе со измени и дополнувања на Изборниот законик на, како што наведува, „скандалозен, противуставен и спротивно на вашиот Деловник, без притоа да се побара мислење од Влада и други надлежни органи во однос на основаноста на измените кои ги направивте, како и импликациите во однос на нивно применување во пракса.
Ибраими искажува чудење што самиот законодавец, како што пишува, не ги почитува законите и процедурите за нивно применување во пракса.
– Вие како законодавен дом го давате најлошиот пример за нефункционирање на правна држава и не знам како очекувате другите органи и институции тоа да го прават, наведува тој во укажувањето.
Ибраими тврди дека со измените на Изборниот законик се атакува врз еден член на ДИК заборавајќи притоа дека таквите измени имаат импликации и врз тројцата други членови кои се избираат на заеднички предлог на партиите од власта и од опозицијата.
Посочува дека актуелната втора поголема опозициска партија е друг субјект во однос на претходниот состав на Собранието што, како што наведува, подразбира дека таа треба да се произнесе и за тројцата членови на ДИК предложени од политичките партии на власт и опозиција. Го обвинува претседателот на Собранието Џафери и пратениците дека ја злоупотребуваат довербата на граѓани носејќи закони за еднократна употреба за што се одговара.
Исто така укажува и на членот од Изборниот законик каде строго се забранува од денот на распишување на изборите до нивно завршување да се започне каква било постапка за престанок на работен однос во државни и јавни институции.
– Законодавниот дом ја прави првата повреда и изборна нерегуларност што лошо ќе се одрази врз финалниот извештај за претстојните локални избори, пишува членот на ДИК Ибраими во укажувањето, во кое предлага поитна постапка вон сила да се стави веќе донесената одлука за распишување оглас за избор на нов член на ДИК.
Ибраими ова укажување ќе го достави и до Антикорупциската комисија, до Државниот трудов инспекторат и до надлежниот суд со предлог за издавање на времена мерка за запирање на постапката за одлуката на Собранието за објавување на јавен оглас.