Членот на Државната изборна комисија предложен од ДПА Бедредин Ибраими на денешната седница на Комисијата побара по службена должност повторно да бидат разгледани прифатените приговори од ВМРО-ДПМНЕ за Струга за избирачките места 1860 и 1877. Предлогот на Ибраими беше поддржан од потпретседателот на ДИК, Супхи Јакупи.
Ибраими образложи дека Комисијата, според него, за приговорите од овие две избирачки места донела противзаконска одлука и обвини за етничка поделеност со цел, како што рече, да се покаже кој е поголем патриот.
Супхи Јакупи предложен од ДУИ рече дека ќе го поддржи предлогот посочувајќи дека доколку по службена должност не се расправа повторно за овие две избирачки места ќе се повлече од работата на ДИК.
– Да ги отвориме гласачките кутии и да видиме дали има нерегуларности на гласачките места. Се ќе се види, ќе видат и јавноста и меѓународната заедница и граѓаните дали имало нерегуларности, изјави Јакупи кој исто така најави дека по службена должност ќе бара отворање на сите гласачки кутии за Струга бидејќи, како што рече, веќе нема доверба во ОИК и во избирачките одбори.
Тој, како што рече, не сака да учествува во анархија и непочитување на законите и Уставот.
Тезите дека се гласало по некој етнички клуч не држат, беше дециден Влатко Трајковски член на ДИК предложен од ВМРО-ДПМНЕ. Рече дека ДИК има мнозинство за работење и ги замоли своите колеги Албанци да не употребуваат одредени квалификации и работата на ДИК да продолжи на начин како што и доликува на оваа Комисија.
За претседателот на ДИК Борис Кондарко предлогот на Ибраими е атипичен, а приговорите беа прифатени со пет гласа. Кондарко призна дека само тој и Анета Стефановска од ВМРО-ДПМНЕ го образложиле она за што гласале и речи оти мора да се признае дека неговите колеги од ДИК имаат право кога зборуваат за одредени процедурални забелешки како што е на пример во однос на отворањето на избирачките кутии.
Нелогично е од подносител на приговори да не прифати да се разгледа избирачки материјал, рече Кондарко, посочувајќи притоа на ВМРО-ДПМНЕ. Рече дека ќе ги поддржи приговорите на ВМРО-ДПМНЕ за Струга доколку имаат аргументи, но исто така побара од неговите колеги од оваа партија да се борат за приговорите за Струга каде што има основ.
И Анета Стефановска од ВМРО-ДПМНЕ ги демантираше своите колеги Албанци дека синоќа за Струга се гласало по етничка основа.
ДИК во моментов има пауза по која се очекува членовите на ова највисоко изборно тело да се изјаснат за предлогот на Ибраими по службена должност да може повторно да се разгледуваат приговорите што беа синоќа прифатени за Струга. ДИК треба да разгледа уште 13 приговори поднесени од ВМРО-ДПМНЕ за Струга и 252 од СДСМ за 15 општини.