Заев или Филипче, кој прв ќе даде личен пример за вакцинација

Од:

Премиерот Зоран Заев и министерот за здравство, Венко Филипче, ќе чекаат ред за вакцинација преку системот за пријавување. Двајцата, пред да стигнат вакцините, изјавуваа дека ќе се вакцинираат меѓу првите за да дадат личен пример и да ги охрабрат граѓаните, но кога почнаа да пристигнуваат вакцините, место да го исполнат ветеното, наоѓаа разни оправдувања зошто не го прават тоа.

Денес, премиерот Заев, по пристигнувањето нова пратка од вакцината „спутник В“, извести дека заедно со семејството, пријателите и колегите ќе се вакцинира со онаа вакцина што ќе ја има во моментот кога ќе стигнат на ред.

„Моја обврска, должност, но и чин како човек, е да испратам порака до сите наши граѓани, да влезат комплетно во системот на масовна вакцинација. Јас како претседател на Владата се пријавив во механизмот за онлајн-пријавување за вакцинација. И Владата и министрите го направија истото тоа. Апелирам до граѓаните да се пријават за да им олеснат на здравствените служби да имаат појасна евиденција и да го спроведат прецизниот здравствен протокол. Вакцината е здрава. Сите вакцини се секако здрави, проверени, меѓународно тестирани. Јас верувам во сите вакцини. Сакам да го охрабрам нашиот народ оти ако има какви било проблеми, тоа ќе се појави, ќе се знае. Треба да ја прифатиме секоја вакцина во согласност со редот и протоколот за вакцинација. Јас ќе почнам од себе, од моето семејство. Кога ќе дојдеме на ред, јас лично, моето семејство, моите колеги од Владата, која вакцина е тогаш за давање, за вакцинирање, таа вакцина ќе ја примиме“, рече премиерот Заев.

„Веројатно прв треба да биде министерот Филипче, а јас ќе бидам прв по министерот за вакцинирање откако ќе поминат на ред оние што имаат приоритет“, рече премиерот Заев во јануари годинава.

Тој уверува дека ниту еден министер не се вакцинирал досега, како што обвинува опозицијата.

„Најодговорно тврдам, гледајќи го нашиот народ во очите преку камерите, нормално дека ниту еден министер, вклучително и министерот за здравство, кој е здравствен работник, нема примено вакцина“, тврди премиерот Заев.

Во јануари годинава, известувајќи за набавката на вакцините, премиерот Заев, прашан кој прв од функционерите ќе се вакцинира за да даде личен пример за граѓаните, рече дека прв треба да биде министерот Филипче, а веднаш по него, ќе биде тој.

„Првин треба да се вакцинира здравствената комисија, нашите херои лекари, медицинските сестри, здравствениот персонал, потоа хронично болните, повозрасните, па семејствата што изгубиле член од семејството. Веројатно, прв треба да биде министерот Филипче, а јас ќе бидам прв по министерот за вакцинирање откако ќе поминат на ред оние што имаат приоритет. Јас сум еднаков со другите и ќе дадам личен пример за граѓаните што побргу да се вакцинираме. Јас, моето семејство и роднините ќе се вакцинираме“, рече премиерот Заев.

И министерот за здравство изминативе месеци постојано зборува дека ќе се вакцинира. Кога беа договорени кинеските вакцини, министерот Филипче рече дека ќе се вакцинира со првата вакцина што ќе стигне во земјата. Место кинеските, како што се очекуваше, први стигнаа вакцините на „Фајзер“, а министерот не се вакцинира со објаснување дека не сака да им го земе редот на здравствените работници и најави дека ќе се вакцинира кога ќе стигне втората пратка вакцини. Но, стигна и втора пратка од вакцините на „Фајзер“, стигнаа и руската вакцина „спутник В“ и вакцината на „Астра зенека“, а министерот сѐ уште не се вакцинира.

Тој неколкупати досега изјави дека нема проблем да се вакцинира со вакцината на „Астра зенека“, а вчера повтори дека ќе се вакцинира со оваа вакцина откога Европската медицинска агенција ќе потврди дека е безбедна и за лица под 60 години.

Министерот Филипче рече дека ќе се вакцинира со првата вакцина што ќе стигне, без разлика која е, но и по неколку стигнати пратки, тој не е вакциниран

Додека министерот за здравство, премиерот и Владата кај нас даваат пример со пријавување во системот, земјите во светот вакцинацијата ја почнаа со политичари и функционери. Во декември премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, меѓу првите ја прими вакцината, а за вакцинирање следни беа претседателот на собранието, Ивица Дачиќ, министерот за одбрана, Алаксандар Вулин, епидемиологот Предраг Кон, а вакцината во јануари ја прими и министерот за здравство, Златибор Лончар.

Во Албанија во јануари годинава имунизацијата почна со вакцинирање на премиерот Еди Рама и началничката на Инфективната клиника, Најада Чомо.

На првиот ден од имунизацијата во декември минатата година вакцината ја прими и грчкиот премиер, Киријакос Мицотакис.

„Се вакцинираме први за да покажеме дека вакцината е безбедна“, изјави Мицотакис, кој вакцината ја доби заедно со медицинска сестра и пензионер.

Слични примери има во речиси сите земји што ја почнаа вакцинацијата.

Денес, германската влада, пак, за да ја зголеми довербата во вакцината на „Астра зенека“, на седница ги повика министрите над 60 години да се вакцинираат со оваа вакцина, а министерот за внатрешни работи одби да ја прими.

Би можело да ве интересира

Донесена одлука за прием во детски градинки на деца кои примиле три дози ДиТеПер вакцина со задолжително примање ревакцина по шест месеци

Предраг Петровиќ

Меџити: Има доволно вакцини, родителите да ги вакцинираат децата

Грип, ковид и инфекции на дишните патишта ги полнат амбулантите и болниците

Нова кампања за имунизација „Да не си играме со здравјето!“

А1он

Ковид-19 од денес е обична заразна болест, укинати и последните мерки за носење маски

Орце Костов

Вакцините против рак и против срцевите болести ќе бидат готови до крајот на оваа декада