Владата денеска упати апел до државјаните на Република Северна Македонија кои живеат во странство да земат активно учество на Пописот на населението, домаќинствата и становите, што започна на 1 март и ќе трае до 21 април.
Портпаролот на Владата Муамет Хоџа на денешната прес-конференција посочи дека пописот на 1 март започна и за затворениците, вработените во ДКП-та и војниците што се на мисии во странство.
Хоџа информираше и дека на предлог на Комисијата за заразни болести, Владата на вчерашната 50. седница го усвои Протоколот за превентивни мерки при спроведување на Пописот на населението, домаќинствата и становите 2021 година кој ќе предвидува мерки во сите три фази на пописот, односно во фазата на тестирање, фазата на обука и во фазата на спроведување на пописот на терен со посебен Протокол за попишување на лицата кои во периодот на спроведување на пописот се позитивни на Ковид-19.