Хан: Ако нема фер избори, новата влада нема да биде меѓународно прифатена и признаена

Од:

Еврокомесарот за проширување Јоханес Хан повика, сите партии да се вратат на преговарачка маса и на патот кон евроинтеграциите, а ако не работат заедно и не останат фокусирани на фер избори, новата влада, како што порача Хан во обраќањето во институтот „Брукингс“ во Вашингтон, нема да биде меѓународно прифатена и признаена.

Прашан за ситуацијата во Македонија, еврокомесарот изрази разочарување од последните настани.

„Навистина сум разочаран од последните настани. Ние инвестиравме многу во договорот од јуни-јули минатата година за да се донесе земјата назад на евроатланскиот пат. Многу од роковите не беа испочитувани кога требаше, но конечно тоа беше направено. И затоа фактот дека сега изборите на 5 јуни се под тешка ситуација, искрено не знам како ќе изгледа по изборите. Мислам дека можам само да ги повикам сите партии, исто и цивилното општество, но особено политичките партии, да се вратат на преговарачка маса и да останат посветени на евроатланската перспектива на земјата“ рече Хан, одговарајќи на прашање од Обединетата македонска дијаспора.

Според него, сите треба да разберат дека демократијата значи да се постигне договор и компромис, а не да се има став на победник и губитник, во спротивно, никогаш нема да бидат успешни.

„Се надевам дека можеме да ја испратиме оваа порака. Членови на Европскиот парламент и јас ќе пробаме да направиме уште еден напор да ги донесеме заедно и да посредуваме. Не можам да ветам ништо, но се надевам дека постепено луѓето во регионот и во некои други делови ќе разберат дека демократијата значи да се постигне договор и компромис, а не да се има став на победник и губитник. Во спротивно, никогаш нема да бидете успешни. Луѓето во регионот заслужуваат подобра иднина, а тоа е единствено можно ако се има јасна европска перспектива. Ова вклучува европско или демократско сфаќање на владеењето на правото. Ова мислам веќе е одговор на опсежното помилување на луѓе од страна на претседателот на државата“, вели Хан.

Во однос на соседската политика и преговорите за проширување, Хан повтори дека ЕУ сака да ги продлабочи односите со соседите, да промовира стабилност и да поддржува демократски и економски реформи. Проширувањето останува цврсто на агендата, но е условено со реформите.

„Ги научивме лекциите од претходните случаи на проширувања дека е неопходно да се има процес со земјите кандидати со цел да им овозможиме нив да бидат на ниво што е прифатливо за нашите државјани. Значи повеќе е до процесот, а помалку до преговорите што треба да се направат“, додаде Хан.

Би можело да ве интересира

Радев најави предвремени парламентарни избори во Бугарија

СДСМ ќе го поддржи опозицискиот кандидат Валбон за градоначалник на Гостивар

Конечен извештај на ДИК за локалните избори 2025 – следуваат повторени избори во четири општини

Народниот правобранител со бесплатна телефонска линија за изборни повреди на 2 ноември

Последен ден од изборната кампања за градоначалници за вториот круг од локалните избори

Вилдерс без мнозинство, Јетен бара стабилност – Холандија се соочува со сложени преговори за влада