Во организација на Епархијата Повардарска денеска во реката Бабуна во близина на Велес се изведе веќе традиционалното групно крштевање.
Во водите на реката Бабуна со свето тајно крштение 27 лица беа крстени и воведени во православната вера, главно граѓани на Велес и околните населени места, како и по едно дете од Скопје и Гевгелија.
Овој свет чин ги извршија тројца свештеници од Епархијата Повардарска, со седиште во Велес.
Инаку, првата групна крштевка во реката Бабуна кај Велес се изврши пред шест години на иницијатива на митрополитот Повардарски, а во сослужение на свештеници од Епархијата Повардарска. Заедно со денешните 27, досега во реката Бабуна групно се крстени 262 граѓани од сите возрасти од Велес, соседните и други општини од земјава.