Премиерот Никола Груевски пред почетокот на официјалната посета на НР Кина даде интервју за најголемата и најгледана кинеска телевизија CCTV која емитува вести на сите континенти и има повеќе од 70 меѓународни претставништва.
CCTV поседува вкупно 22 канали и е водечки медиуми на азискиот континент.
Како што соопшти владината прес-служба, Груевски во интервјуто се осврнува на теми од билатералните односи меѓу Република Македонија и Народна Република Кина во повеќе сфери од заемен интерес поврзани со развојот на политичките и економските односи, можностите за остварување динамична економска соработка, зголемување на трговската размена и соработката на полето на инвестициите. Тој зборува и за актуелните политички и економски прашања поврзани со Македонија и регионот.
Посебен акцент е ставен на темата економија, на реформите и поволностите за инвестирање кои Македонија ги нуди на глобалните компании, вклучително и кинеските, кои се дел од една од најбрзорастечките економии во светот која продуцираше огромен раст на бруто националниот производ на Кина.
Премиерот ги објаснува серијата мерки и поволности што им се нудат на инвеститорите, ниските даноци и трошоци за правење бизнис, како и скратените и олеснети административни процедури, вклучувајќи ги поволностите за инвестирање во технолошко индустриските развојни зони достапни за странските компании. Воедно ги повикува кинеските компании да инвестираат во Македонија, посочувајќи дека нивните инвестиции се добредојдени во нашата држава која може да ја искористат како поволна позиција и порта за инвестиции, производство и продажба на производи на европскиот пазар. Во тој контекст, Груевски ја истакнува и поволната отворена опција за можност за креирање специјализирана технолошко-индустриска развојна зона наменета само за кинески компании кои се заинтересирани да инвестираат во нашата земја и оттука да го покриваат европскиот пазар.
Премиерот Груевски во интервјуто зборува и за предизвиците на глобалната економија и механизимите и начините за справување со влијанијата од регионалните негативни економски текови, при што информираше и за економските реформи кои се преземаат од страна на Република Македонија во насока на овозможување на услови за економски раст и развој.
Според Кабинетот на премиерот, посетата на македонскиот владин тим наидува на голем медиумски интерес во Пекинг. Досега, освен Груевски, интервју за CCTV дале повеќе светски политички лидери, сопственици на глобални компании и економски експерти меѓу кои и претседателот на Франција Франсоа Оланд, бразилската претседателка Дилма Русоф, претседателот на Казахстан Нурсутан Назарбаев, поранешниот премиер на Велика Британија Тони Блер, претседателката на ММФ Кристин Лагарт, поранешниот германски канцелар Герхард Шредер, основачот на Мајкрософт Бил Гејтс и многу други од областа на политиката, бизнисот и општеството.
Интервјуто го водеше новинарот Руи Ченганг, еден од водечките новинари на CCTV.