Македонија успеа да изгради цврст систем на фискални, монетарни и финансиски политики, кои овозможија значителен простор за маневар за соочување со негативните прелевања од глобалната криза, истакна денеска македонскиот премиер Никола Груевски обраќајќи се на 4. Економскиот форум „Астана 2013“, во Астана, Казахстан, каде пред повеќе од 3.000 присутни учесници го пренесе македонското искуство во справувањето со последиците од кризата.
Присуството во Астана, според премиерот, е можност за презентација на Македонија како можна бизнис дестинација пред бројните посетители на форумот, меѓу кои познати големи компании во Казахстан, но и други меѓународни компании.
– Околу 3 илјади луѓе присуствуваа на излагањето што го имав од кое што најголемиот дел е економската елита на Казахстан, но и претставници на моќни, крупни меѓународни компании. Иако главната тема беше поврзана со економската криза на која што исто така се осврнав искористив прилика да ги кажам и најважните работи кои што се предност и за инвестирање во РМ и да допрат до најпознатите и најкрупни компании овде во Казахстан, но и до многу други претставници на меѓународни компании на овој форум, изјави Груевски.
На пленарна сесија на форумот говореше за глобалниот финансиски систем, проблемите и можните решенија и за состојбите на Македонија и капацитетите за привлекување инвеститори. Економскиот форум во Астана, како што рече, се одржува во време на обновен ентузијазам за перспективите на светската економија. Другите брзорастечки економии во подем, како Казахстан, се доказ за тоа дека во блиска иднина се отвораат нови поглавја на просперитет, а со тоа нови пазари и нови можности за инвестирање. И покрај економското закрепнување, нагласи Груевски, предизвиците се и понатаму присутни, особено во однос на стабилноста на глобалниот финансиски систем.
Според Груевски, Македонија има неколку предности што се многу атрактивни за инвеститорите и што многу и помогнаа во периодот на глобалната економска криза и европската должничка криза.
– Македонија има стабилна макроекономска политика со низок јавен долг од 33 проценти од БДП што е петтиот најнизок таков долг во Европа. Имаме ниска инфлација која изнесува 2 до 3 проценти во последните 15 години и стабилна валута која што е врзана со Европа. Банкарскиот сектор е многу стабилен, наведе Груевски и додаде дека Македонија е земја со најниски трошоци за водење бизнис во Европа, вклучително и најниски даноци во Европа. На пример, посочи, данокот на добивка изнесува 10 проценти но само за компаниите коишто ја дистрибуираат добивката на дивиденди, а оние кои не го прават тоа плаќаат нула процент давачка на добивка. Тоа е доволно да се зголеми капитализацијата на компанијата, да се реинвестира добивката бидејќи не треба да плаќаат данок на добивка. Ова важи за неограничени износи во неограничен број години, посочи македонскиот премиер.
Тој додаде дека македонската држава е отворена за директни странски инвестиции. „Џонсон контролс“ и „Кемет електроникс“ од САД, рускиот фармацевтски бренд „Протект груп“ и германските компании „Кромберг и Шуберт“ и „Дрекслмаер“, „Техно хосе“ од Италија, „Ван хол“ од Белгија, „Џонсон Мети“ од Обединетото кралство и многу други од различни страни на светот веќе инвестираа во последните неколку години во Македонија.Финансискиот капитал не е можен доколку се нема конкурентен човечки капитал. Го зголемивме пристапот кон терцијарното образование особено во математичките науки и информациските технологии, наведе Груевски.
Според него, Република Македонија направи брз и сигурен поход кон првите три позиции на најреформските ориентирани земји, според угледниот DOING Business извештај на Светска Банка, и тоа, како што рече, веќе неколку години по ред докажува дека напорите и реформите кои ги прави државата за подобрување на бизнис климата се темелни и опсежни и даваат резултати. Во последниот извештај, посочи, Република Македонија се наоѓа на 23 – та позиција што ја прави највисоко рангирана во однос на која било транзициска економија од Југоисточна Европа, но и пред повеќето држави од Европската Унија.
Република Македонија, рече Груевски, преку потпишување договори за слободна трговија со ЕУ и земјите од ЕФТА и Југоисточна Европа (ЦЕФТА), како и со Турција и со Украина, сега е дел од големиот европски пазар со пристап до 660 милиони потрошувачи, додавајќи дека токму ваквата отвореност ја прави конкурентна на глобалната карта на инвеститори.
– Постојат уште предизвици кои треба да бидат надминати и со кој светот и современите економии треба да се соочат. Во блиска иднина, предизвикот е да се задржи балансот помеѓу растежот и ранливоста, истовремено не заборавајќи дека европската интеграција има бројни предности. Сè на сè, стратегијата на европските економии во подем е максимално да ги искористат предностите кои постојат, сведувајќи ги на минимум инхерентните ризици во билансите, оцени премиерот Груевски.
Обраќање имаше и претседателот на Казахстан Нурсултан Назарбаев кој на присутните им посака добредојде и благодарност за учеството истакнувајќи ја важноста на самиот собир кој се реализира со активна поддршка на Обединетите нации. Тој ја нагласи важноста на економската стабилност на државите и отвореноста на економиите кои мора да бидат активни со своите реформи и отворени за соработка бидејќи тоа е од особено значење за надминување на последиците од глобалната економска криза.
Според казахстанскиот претседател, државите мора да посветат внимание на економијата, енергијата и животната средина, кои обезбедуваат стабилност и просперитет. Казахстан останува отворен за економска соработка и развој на инвестициските можности како важен сегмент во надминување на предизвиците од економската криза, наведе Назарбаев.
Претседателот на 67-то заседание на Генералното собрание на ОН Вук Јеремиќ изрази задоволството што ОН како еден од организаторите на самиот форум успеа да соберат значителен број релевантни личности од светот на економијата и политиката и да покренат важни теми за разговор. Посочи дека е потребно секоја држава да води отворена политика, а Република Казахстан покажа дека тој прогрес може да биде направен. ОН, наведе, остануваат активен партнер во процесот на изнаоѓање на решенија кои ќе овозможат мир, стабилност и напредок на државите.
Излагања на пленарната сесија од форумот во Астана имаа и претседателот на Економско-социјалниот совет на ОН Нестор Осорио, генераниот секретар на Конференцијата на ООН за трговија и развој Супачаи Паничпакди, претседавачот на Бордот на Евроазиската економска комисија Виктор Кристенко, претседателот на Исламската банка за развој Ахмед Мохамед Али ал Мадани, професорот на Универзитетот Колумбија, добитник на Нобеловата награда по економија од 1999 година Роберт Мундел, претседавачот на одборот и главен извршен директор на Sberbank на Русија Херман Греф, како и генералниот подсекретар на ООН и раководител на Одделот за економски и социјални прашања Ву Хонгбо.
Економскиот форум „Астана 2013“ претставува престижен и значаен економски собир со глобално значење на кој присутни се економски експерти, стопанственици, претприемачи и менаџери, научници, професори, добитници на Нобеловата награда од сферата на економијата и претприемништвото, актуелни политичари и државници. На овој форум присуствуваат и претставници на големи компании и конзорциуми.