Премиерот Никола Груевски денеска најави четири нови инвестиции што ќе се реализираат во следниот период, а со кои, како што рече, се очекува вработување на околу 4.000 граѓани.
„Следната недела италијанската компанија „Техно козе“ ќе почне пробно производство, а во понеделник ќе биде ставен камен-темелник на „Кромберг и Шуберт“ во Битола каде ќе се вработат околу 2.500 граѓани. Во втората половина на јули стартува изградбата на фабрика за автобуси „Ванфу“ од Белгија каде во првата фаза ќе бидат вработени околу 500 луѓе и во почетокот ќе се извезуваат автобуси во САД“, изјави премиерот Груевски по денешната посета на Детската клиника во Скопје.
Покрај ова, премиерот потсети дека е прифатена и понудата на турската компанија која конкурираше за рудникот „Тајмиште“ каде ќе бидат вработени околу 500 лица, а според првичните најави во фабриката која ќе треба да ја изгради за три години ќе бидат вработат уште 1.000 луѓе.
„Иако оваа година е исклучително тешка, далеку потешка од минатата, сепак и во такви околности можам да кажам дека она што се случува во последните месеци е релативно задоволувачки имајќи предвид дека живееме во време на европска должничка криза и длабока рецесија во Европа, време кога имаме драматични изјави од европските лидери и од претседателот на ММФ во однос на еврото“, истакна Груевски.
Добро е, додаде, што и во услови на економска криза во Европа, во Македонија има движење на полето на странските инвестиции. – Има држави во кои комплетно се е застанато во однос на нови фабрики, нови градби на погони и нова опрема, нагласи премиерот Груевски.