Регистрацијата на залог во Централниот регистар може да се врши електронски. Воспоставен е нов систем, со инвестиција од 250.000 евра, како надградба на Заложниот регистар, со што се спроведе последната компонента од втората фаза на проектот „Едношалтерски систем“.
Со електронскиот залог, според премиерот Никола Груевски, се подигнува нивото и стилот на работа во Заложниот регистар. Ова претставува уште еден проект во низата, со кој преку воведување нова технологија се создава можност целокупниот процес на регистрирањето на залогот и плаќањето на надоместот да се прави по електронски пат преку интернет.
– Со тоа ги кратиме редовите на шалтер, го штедиме времето на корисници на услуги, го подобруваме квалитетот на услугата, а со тоа го олеснуваме водењето бизнис, рече на денешната промоција на системот Груевски.
В.д. директорот на Централниот регистар Андреа Поповски, појасни дека системот за е-залог е пандан на постојниот процес на регистрација во хартиена форма. Разликата се состои во можноста целокупниот процес да се спроведе преку интернет без потреба од физичко присуство, а само со примена на дигитални сертификати како средство за идентификација на подносителот, нагласи Поповски.
Електронскиот залог е спроведен во соработка со Нотарската комора која е главен администратор на уписите во Регистарот.
Централниот регистар, информира премиерот Груевски, ќе продолжи со примена на мерки кои ќе ја помагаат домашната економија и приватниот сектор и ќе внесуваат иновации и попрофесионални стандарди во работењето. Дел од тие проекти се воведување систем за електронска регистрација на лизинг, за фер и правична распределба на стечајните постапки, за тендерско досие и за воведување опција за проверка на основни податоци за фирми со поддршка на англиски јазик, рече Груевски.