Бранко Црвенковски продолжува со лаги и манипулации, но ништо друго не му преостанува зашто своите поддржувачи не може да ги убеди во конкретни проекти и дела. Многу пати имаше шанси за тоа ама ништо не направи и ја изгуби довербата, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски на вечерашниот предизборен митинг во општина Гази Баба.
Според Груевски, во недела на СДСМ и Црвенковски уште еднаш ќе им стане јасно дека одамна го изгубиле оружјето наречено економија, борба против корупцијата и крининалот, влез во ЕУ и НАТО.
– Пукаат со ќорци, со нешто што не може да не погоди. Имаме неспоредливо поголеми резултати од времето на нивното владеење, а тоа граѓаните го препознаваат. Со лаги и манипулации не ја бива работата, нагласи Груевски.
СДСМ, додаде, нема нови идеи, за реформи, за одење напред. Одамна престана да го убедува народот за тоа што направила зашто нема со што да се пофали.
– Бранко вели ќе имаме предвремени избори. Лаже, не сме го ветиле тоа. Дали воопшто некој му верува во партијата? Да сум на негово место не би барал предвремени избори зашто уште повеќе ќе изгуби отколку сега, на локалните, истакна Груевски.
Наспроти СДСМ, рече, ВМРО-ДПМНЕ постојано зборува за сработеното со што докажува дека има проверени луѓе за градоначаници кои се докажале со дела. Создавање услови за градење погони, фабрики, компании со кои ќе се отвараат нови работни места е приоритет на партијата.
Осврнувајќи се на кандидатот за градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За поодбра Македонија“, Груевски посочи дека Тони Трајковски во досегашниот мандат макотрпно работел, завршил најголем дел од ветените проекти.
– Не му беше лесно зашто паралелно беше активен освен во урбани и во рурални средини кои бараат итни интервенции. Појде со силна динамика, без многу фалење, правење маркетинг, тивко, енергично, со труд го заврши ветеното во најголем дел, истакна Груевски.
Трајковски, пак, во обраќањето напомена дека Гази Баба ќе има најдобри резултати на локалните избори зашто во изминатиот период реализира најголем дел од ветеното, како и низа непланирани проекти што ги побарале граѓаните, патна инфраструктура долга 60 километри, фекална канализација, паркинзи за 1.000 возила, пешачки патеки, игралишта, спортска сала,….
Најави гасификација, изградба и реконструкација на патна инфраструктура, нови училишта, детска градинка во Стајковци, спортска сала во Ченто, индустриски зони, нова зграда за општинската администрација…
