Премиерот Никола Груевски денеска повторно упати апел до СДСМ да ги надминат внатрешните несогласувања за да се изнајде решение за работата на Комисијата за настаните од 24 декември 2012 година, чија блокада може негативно да се одрази на претстојниот извештај на Европската комисија за напредокот на Република Македонија.
– Засега сме фокусирани и ќе останеме фокусирани на дијалогот, на изнаоѓање решение. Ја користам и оваа прилика да упатам апел до СДСМ да најдат начин да дојдеме до решение, да излезат од внатрешните проблеми во партијата барем по ова прашање. Не претендирам за нивните други внатрешни прашања, но барем за ова прашање да најдат начин да помогнат на државата, не на ВМРО-ДПМНЕ или на Владата. Станува збор за проблем кој што и го создаваат на државата со нивните препреки вантре во партијата, рече Груевски на новинарско прашање по посетата на археолошкиот локалитет Скупи, крај Скопје.
Тој вчера за време на посетата на реканскиот крај изјави дека Извештајот на Комисијата за утврдување на настаните од 24 декември 2012 беше речиси готов и пред објавување, но се искомплицира со враќањето од одмор на Бранко Црвенковски, кој испорачал нови барања. Најави нова стратегија за надминување на овој проблем, но засега не ја открива.