Мизерно е некој да се збогатува на грбот на децата кои одат во училиште или на болните кои се во различни здравствени установи, рече денеска премиерот Никола Груевски.
Одговарајќи на новинарско прашање, по ажурирањето на партиското членство во Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Кисела Вода, Груевски и честита на МВР за повеќето успешни акции од областа на корупцијата и криминалот, кои ги реализираат во соработка со Обвинителството.
– Можам да им честитам за нивната ревносност, посветеност и професионалност во извршувањето на овие акции, рече Груевски и се осврна на последната акција во која беа приведени поголем број лица, кои се осомничени за крадење на нафта во училишта, здравствени домови и други државни институции.
Мизерно е, потенцира Груевски, кога ќе се слушне дека на грбот на децата кои одат во училиште или на болните кои се во различни здравствени установи, некој се обидува и во одреден период тоа и го правел за да се збогатува.
– МВР тука очигледно реагираше соодветно. Ги прибра доказите, ги изнесе пред обвинител, со дозвола на обвинител воведе специјални истражни мерки со помош на кои успеа да дојде до докази кои ќе бидат презентирани во судската постапка. И на некој начин се стави крај на овој криминален акт, кој во повеќе наврати бил правен од лица поврзани со компанијата која беше спомената. На овој ланец на акции се стави крај, рече Груевски.
Македонскиот премиер истакна дека се работи за една крупна и сериозна акција во борбата против криминалот во Македонија.
– Изминативе месец-два имаше повеќе акции на МВР, за кои навистина залужува честитки и покажува дека во Македонија имаме континуирана борба и тоа успешна борба против криминалот и корупцијата. Зборувам и корупцијата затоа што сомневањата одат до тоа дека во сите овие акции има вплеткување и на државни службеници кои на некој начин биле потпомагачи во овие криминални акти и очигледно е оти тие биле корумпирани. Така што станува збор за континуирана, неселективна и силна борба против криминалот и корупцијата, нагласи Груевски.
Владата која сега ја водам, посочи Груевски, уште пред самото доаѓање на власт и пред добивањето на поддршката во 2006 година се декларираше дека ќе биде непоколеблива, неспоредливо посилна од она што се случуваше дотогаш, ќе биде неселективна и оти ќе трае се додека ВМРО-ДПМНЕ е на власт.