Груевски: Наталитетот е многу мал, државата ни снемува народ

Од:

Oвој мој денешен говор, посочи тој, ќе биде нестандарден за вакви пригоди, јас го одбрав тоа затоа што мислев дека е вистински ден за тоа. Ќе говорам за еден сериозен предизвик, па и проблем да го наречеме. Ако сакате во чие решавање мора да бидеме сите сплотени, да се мобилизираме и заеднички да делуваме, без разлика на нашата ваква или онаква припадност. Тоа е проблемот. Тоа е проблемот како со демографијата и депопулацијата или како што неодамна кажав рецесија на нацијата, рече Груевски во обраќањето на Свечената академија по повод одбележувањето на Денот на македонската револуционерна борба во Македонската опера и балет.

Тој истакна дека денес имаме своја држава, кога имаме слобода и демократија, кога сме свои на своето, кога Македонија е на прагот да стане земја членка на НАТО и ЕУ, кога зборуваме за зголемување на пензии или за нови инвестиции, кога имаме своја Армија и полиција која се грижи за нашата безбедност и мир, кога имаме мир, свои училишта и свои универзитети, кога слободно го говориме нашиот јазик и се бориме за етаблирање во меѓународни рамки.

– Денес кога сме во неспоредливо подобра состојба отколку пред 60, 100 или повеќе години, ние, а за волја на вистината и повеќето европски земји се соочуваме со криза на семејните вредности, со сериозен долготраен и засега незапирлив тренд на пад на наталитетот. Живееме во време кога не само што е се поголема реткост второ дете во семејствата, а камоли трето и четврто, туку спротивно на тоа водиме дебати за искривени вредности, за еднополови бракови, па уште и посвојување деца во тие еднополови бракови, за некакви права на жените, па на мажите кои од нив позастапен во политиката или во бизнисот, а додека се трошиме на тие теми нам како држава ни снемува народ, рече Груевски.

– Во 1950 година се родиле 50.000 бебиња во Македонија, во 1980 година – 40.000, во 2011 се родени 22.000. Трендот е очигледен. Од 50.000 деца годишно на само 22.000. Тоа е демографската рецесија што трае со децении. Бројот на деца во државата е повеќе од преполовен. Тоа треба да биде причина за сериозна загриженост. Наместо паралелки со 35 деца имаме паралелки кои имаат по осум, десет, 15 или 20 деца. Училишта кои порано имале илјада ученици, денес имаат 500 или 600 ученици. Демографијата и наталитетот имаат врвно значење за економијата, образованието, инфраструктурата, пензискиот систем, компаниите, нагласи Груевски.

Посочи дека во 1995 година пред само 17 години во сите основни училишта имало вкупно 262 илјади ученици во осмолетка. Во 2012 година бројот на ученици во истите основни училишта изнесува не 262, туку 195 илјади ученици во деветолетка. За само 17 години бројот на ученици е намален од 262 илјади на 195 илјади. Тоа се 67 илјади деца помалку во основните училишта. Тоа се околу 3.300 паралелки помалку за само 17 години.

– Во 2010 година имавме 466.000 вработени и 274.000 пензионери, соодносот е 1,7 вработени на еден пензионер. За споредба во 1980 година имавме 420.000 вработени и 84.000 пензионери, тоа е сооднос од речиси 5 вработени спрема еден пензионер. Од 1980 до 2010 година, 30 години соодносот се намалил од 5 спрема 1 на само 1,7 спрема еден. Проекциите и трендовите за наредните децении се уште понеповолни. Ако во 2012 година трошиме 584 милони евра за пензии во 2025 година проекциите покажуваат дека ќе трошиме една милијарда и 120 илјади евра, потенцира премиерот.

Тој ја повтори определбата на Владата максимално да ги поддржува пензионерите и го потврди покачувањето на пензиите во март следната година.

Сепак, среднорочно, како што рече, нашиот пензиски систем ќе биде соочен со предизвиците и трошоците од стареењето на населението, а намалениот наталитет има директно негативно влијание врз пензискиот систем.

– Нискиот наталитет ја намалува конкурентноста на една држава. Таму каде што има народ таму ќе дојдат инвестициите, потрошувачката и патиштата. И обратно. Таму каде што нема народ ќе се намалaт инвестициите, потрошувачката инфраструктурата и економијата. Наталитетот е изразито мал и во градовите и во селата. Ако пред 20 или 30 години имавме намалување на бројот на жителите на селата тоа денес се случува во градовите. Како премиер на Република Македонија должен сум да кажам дека сегашниот број родени деца е недоволен за одржување на населението на Македонија. истакна Груевски.

Со фертелитет од 1,4 деца родени по жена, укажа тој, ние сме соочени со сигурен пад на бројот на жители.

– За одржување на популацијата, минимумот е 2,1 родени деца по жена. Со фертелитет од само 1,4 деца по жена во моментов Македонија е цели 35 проценти под минимумот на минимуми за одржување на популацијата. Соочени сме со намалување на бројот на населението. Потребна е нашата лична одлука дека децата се нашиот приоритет број еден, дека сме подготвени да ги живееме семејните вредности, дека е убаво да правиме бизнис, да работиме, да учиме, да реализираме големи кариерни планови, рече премиерот.

Факт е, истакна тој, дека жиееме во време на економска неизвесност, проблемите со животниот стандард се секојдневие, притиска невработеноста, цените, финансиските проблеми, многу млади имаат нерешено станбено прашање.

– Сето тоа има свое влијание врз наталитетот. Во Европа понизок фертилитет од Македонија имаат Германија, Австрија, Словенија, Луксембург, Италија, Русија, Шпанија, Латвија и тн. Сите тие имаат солидна економска состојба. Добар дел од нив имаат уште поголем бенифиции како поттик за родителство, но бројките остануваат неповолни. Значи не е се до богатството. Нашите предци пред 100 години не биле побогати од нас, а имале многудетни семејства, истакна премиерот.

Тој рече дека факт е оти сме соочени со стареење на населението, ако овој тренд продолжи тогаш во 2050 година просечната возраст ќе биде точно 50 години, а тоа е многу неповолна ситуација.

– Секоја година се зголемува просечната возраст на стапување во брак. Секоја година расте просечната возраст на раѓањето на децата. Факт е дека бракот и децата се одложуваат. Оваа Влада ги поддржува многудетните семејства. Веќе четири години за секое трето родено дете се дава надомест во висина од 50 проценти од просечната плата во текот на десет години, и за вработените и за невработените. Секоја мајка што ќе роди четири деца со навршени 62 години ќе оствари право на пензија, ако не остварила право на пензија по друг основ. Доделуваме бесплатни учебници за сите ученици, превозот за учениците е бесплатен, за неколку пати ги намаливме партиципациите за студентите и ги сведовме на симболични, ги подобривме кредитите за куќа или стан за младите брачни двојки, рече премиерот.

– Во ова време на криза во цела Европа со сите сили се бориме против невработеноста. Но, има некои работи што не може да ги направи Владата. Тоа е задача на сите нас, поединечно во нашите семејства. Секоја жена и секоја мајка заслужува безрезервна поддршка од сопругот и семејството. Сопружниците треба да се сакаат и почитуваат. Тоа се семејните вредности кои не смееме да ги напуштиме. Да ги охрабриме нашите млади да стапат во брак. Повеќедетните семејства се пример на решителност во овие времиња на економска криза во Европа. Не смееме да ги напуштиме традиционалните вредности на нашиот народ и држава. Бракот претставува исклучиво заедница на еден маж и на една жена, рече премиерот.

Повика прашањето за наталитетот и демографската политика да не се злоупотребува во дневно – политичките препукувања.

– Како што беше храброст на 23 Октомври 1893 да се стане за Македонија, така денес е храброст да се биде честит и посветен на своето семејство на своите жена и деца. Потребна ни е политика која ќе ја намали нето имиграцијата, која ќе го зајакне општеството и ќе се бори со атомизацијата.

Според него, вистинскиот пристап има три компоненти: прво, трезвено и детално разбирање, и целосно прифаќање на фактите за вистината и природата на овој предизвик, второ преземање мерки и активности за да се обезбеди раст на популацијата во одржлива стапка и трето активности за да се подготвиме соодветно за еден таков одржлив раст.

– На ден кој со својата идеја, посветена на историјата блеска како огромна светилка на крајот од долгиот темен тунел, зашто ни покажува дека ние граѓаните на Македонија знаеме да се бориме со големи предизвици, дека ние знаеме, како што знаевме да го пробиваме патот кон слободата и патот кон суверена самостојна држава – Република Македонија. Нека ни е честит денешниов ден, големиот државен празник 23 Октомври, додаде премиерот Никола Груевски.

На свечената академија присуствуваат претседателот на Република Македонија Ѓорѓи Иванов, претседателот на македонското Собрание Трајко Вељаноски, претставници на Владата, на судската власт, на јавниот живот, на верските заедници и граѓанскиот сектор.

Би можело да ве интересира

Кои се пратениците со кои ВМРО-ДПМНЕ дојде до парламентарно мнозинство: Со ЗНАМ во Влада ќе се обезбеди и двотретинско

Орце Костов

Џафер и Арсовска се скараа кој е надлежен да се искоси тревата во дворот на Владата

Орце Костов

(ВИДЕО) Мицкоски: Ги поставивме контурите на рамката врз која ќе ја градиме коалицијата

Орце Костов

Вучевиќ: Македонија ќе најде повеќе од партнер во Србија

А1он

Елиминирањето на конкуренцијата во изборот за универзален снабдувач граѓаните ќе ги чини стотици милиони евра повеќе за сметки за струја

А1он

Универзалниот снабдувач избран без да се овозможи конкуренција, граѓаните ќе плаќаат милиони евра повеќе за струја

А1он