Опозицијата не знае дека единствениот ѕид помеѓу нив и освојувањето на власта е народот, кој не може да го освојат со тупаница и со крешење бидејќи тој сака дела, конкретни проекти, реформи, успеси, двосменско работење од оние на кои дал доверба и исполнување на ветеното.
Ова го порача премиерот Никола Груевски, на митингот на коалицијата „За Македонија заедно“ што се одржа вечерва во Општина Карпош, каде за градоначалничката функција настапуваат со кандидатот Јагнула Куновска.
Оценувајќи дека лидерот на опозициската СДСМ Бранко Црвенковски во изминатиот период спомнува само општи фрази, без ниту еден проект нагласи дека единствената шанса за мотивирање на членството Црвенковски гледал во постојаното повторување дека како и да биде ќе има предвремени парламентарни избори.
– Ај што ги лаже дека има договор за такво нешто и дека некој им гарантирал, не им кажува дека и да има предвремени избори ќе изгубат и овие локалните избори, а на 24 ќе се уверат во тоа, нагласи Груевски.
Неповлекувањето на Црвенковски од политичката сцена, според него, е добра вест за ВМРО-ДПМНЕ, но е лоша вест за Македонија и СДСМ. Народот, истакна, знае на кого да даде доверба, на тој што гради и создава.
Груевски побара доверба од жителите на Карпош и од скопјани за кандидатурите на Јагнула Куновска и на Коце Трајановски, укажувајќи дека истовремено е значајно владејачката ВМРО-ДПМНЕ да добие мнозинство во општинските совети за да може да ги реализира проектите што ги ветува. -Тоа е потребно, како што рече, за да не се повторело искуството со опструкциите во Општина Карпош, каде се кочеле проектите на власта на сите можни начини.
– Затоа да не им дозволиме да ги кочат нашите градоначалници бидејќи во Карпош имаме многу важни проекти, економска зона кај Бардовци, отворање индустриска зона Лепенец, што ќе овозможи отворање нови работни места и во Карпош и во Скопје, што е многу значајно, рече Груевски, посочувајќи дека напорите и резултати на ВМРО-ДПМНЕ за привлекување инветитори треба да станат реалност и во Карпош.
Во Карпош, според претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, меѓу другото, ќе се работи на обнова на Драмскиот театар преку модел на јавно-приватно партнерство, на изградба на нова градинка, нови училишни спортска сала, изградба на булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов, како и изградба на кружен тек на улицата Скупи, проширување на булеварот Илинден кон Ѓорче Петров, изградба на катни гаражи.
Според Груевски, сега е дојдено време во Општина Карпош да се покаже на дело кандидат на власта. Така ќе се видела разликата со претходните градоначалници и механизмот на работење кој создавал дела, а Куноска била вистинскиот избор за реализиција.
Презентирајќи ја изборната програма Јагнула Куноска рече дека таа е изработена во соработка со жителите на Карпош, врз основа на нивните потреби и желби.
– Клучно во програмата е економски развој на Општина Карпош преку отворање нови работни места со цел да ја извлечеме општѕината од летаргијата во која западна во изминатите 10 години и да се приклучи во економскиот развој како останатите скопски општини, рече Куновска.
Од предвидените 117 проекти, нагласи, 50 се капитални, а ќе бидат изградени со финансии од буџетот на Општина Карпош, во соработка со Градот Скопје и со поддршка на Владата. Покрај отворањето економска зона во Бардовци и индустриска зона во Лепенец, ги наброја и проектите за изградба на зелени пазари, нови катни гаражи, детска градинка, православен храм во центарот на Карпош.
Кандидатот за градоначалник на Скопје Коце Трајановски рече дека бара доверба за уште еден мандат затопа што во изминатите четири години првпат во Скопје се реализирани проекти во сите десет скопски општини без разлика на политичката или етничката припадност на градоначалниците.
Побара уште еден мандат, за да, како што рече, ја реализира програмата со конкретни проекти и со рокови во сите скопски општини, а кои се изработени во соработка со Владата и со граѓаните.
Денес стојам пред вас со гордо крената глава затоа што зад мене стојат успешни проекти, како проширените булевари Илинден, Митрополит Теодосиј Гологанов, нов парк, проширена улица Манапо, градска плажа.