Во услови кога немаме природни богатства како нафта, гас, километарски долги плажи, најсигурниот пат за развој е вложувањето во умовите на нашите граѓани. Колку граѓаните се пообразовани, толку ќе имаме посилна нација, нагласи премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски на трибината што синоќа се одржаа во Гостивар и Тетово.
Во исполнетите сали, граѓаните слушнаа од премиерот и министрите за реформите што се реализираат во гостиварскиот и тетовскиот регион и во државата. Премиерот посебен акцент стави на образовниот систем и поддршката во облик на стипендирање на студентите на светските универзитети.
– Колку имаме искусни и едуцирани луѓе во својата професија, толку земјата ќе оди напред. Паролата „Знаењето е сила, знаењето е моќ“ не е само гола флоскула, туку реалност која сакаме да ја приближме до секој граѓанин, особено на помладите, рече Груевски.
Осврнувајќи се на реформите во образованието потенцира дека за потребите на студентите се намалени цените за студирање на државните универзитети, отворени се 80 до 90 лаборатории и преведени се стручни и научни книги од кои се учи на најдобрите светски универзитети во светот.
– Сакаме што повеќе млади луѓе да се запишат на универзитетите за да ја развијат својата креативност, а со тоа да си дадат вредност и на самите себе. Високото образование само по себе не гарантира успех, но дава можност за дополнителен развој. Со ова сакаме да го развиеме и претприемничкиот дух на нашите граѓани, бидејќи повеќе знаење значи и добивање поголема шанса. Од тоа корист има и државата, бидејќи неа ја сочинуват луѓе, а какви се луѓето таква е и државата, истакна Груевски.
Тој се осврна и на реформите во јавната администрација и судството и нагласи дека состојбите во овие сфери кои ги наследиле биле катастрофални. Сегашните закони, истакна Груевски, одат во насока на подобрување во давањето услугите во јавниот сектор.
– Реформите ги правиме внимателно, чекор по чекор. Но, потребно е време и граѓаните да се навикнат на нив. Токму тие треба да реагираат, да се охрабрат и да пријавуваат кога не се задоволни од понудените услуги и пречекорените рокови. Сега се поставени и високи норми за лицата кои сакаат да станат судии или обвинители, рече Груевски, кој притоа побара од сите граѓани да ги користат правата и инструментите што им ги нудат новите закони што се донесени во нивна корист.
Осврнувајќи се на надворешната политика, Груевски подвлече дека Владата вложила максимални напори и дека според сите параметри Македонија е подготвена за почеток на преговори за членство во ЕУ и НАТО.
– Иако во последно време доаѓаат провокации и однадвор и одвнатре, не сакам да верувам дека тие имаат цел да ни се изврши притисок за промена на името на начин кој македонскиот народ не би го дозволил и не го посакува. Ќе продолжиме натаму внимателно и со добра намера да работиме земјата да се приклучи кон ЕУ, но и да внимаваме на државните и националните интереси, подвлече Груевски.
Тој истакна дека државата ги исполнува стандардите за зачленување во ЕУ и НАТО, но заради противењето на нашиот јужен сосед тоа ни е оневозможено.
– И на состанокот на НАТО и во Букурешт и во Чикаго беше повторен фактот дека Македонија ги исполнува стандардите и условите за членство, но поради противењето на нашиот јужен сосед ние се уште не сме членка на НАТО. Овој проблем постои подолго време не само овие дваесет години туку има и голема предисторија. Ние сме соочени со него и бараме решенија кои ќе не придвижат напред, но нема да дозволиме овие решенија да го урнат достоинството на нашиот народ и она што го граделе нашите предци векови и години пред нас, а голем дел и го дале својот живот во таа борба. Секако какво било решение ќе треба да биде потврдено и на референдум и одобрено од мнозинство граѓани и македонскиот народ за да биде прифатено. Не сакам да верувам дека провокациите со кои се соочуваме во последно време и од внатре и од надвор имаат скриена цел земјата да повлече чекор во туѓ интерес, рече премиерот Груевски.
Министерот за надворешни работи Никола Поповски истакна дека четири години по ред Европската комисија дава препорака за отпочнување преговори за членство на Македонија во ЕУ. – Оваа година препорака е повторена и ние не сакаме преку леб погача, туку само тоа што го заслужуваме да се отворат преговорите, изјави Поповски.
Вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски истакна дека во 2007 и 2008 година беа забележани најдобрите резултати како последица на поволнита економска состојба и реформите со 400 до 500 милиони странски инвестиции и намалување на вработеноста со 150 илјади новорегистрирани вработувања. Пешевски посочи дека и покрај најголемата економска криза во Европа, Македонија ја задржа макроекономската стабилност. – Уште повеќе нивото на државни девизни резерви е највисоко ниво досега поради добрата координација помеѓу Владата и НБРМ. Покрај тоа ги зголемивме платите на јавната администрација, пензиите и субвенциите во земјоделството кои достигнаа 130 милиони евра на годишно ниво, рече Пешевски.
Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески го посочи проектот за изградба на автопат од Гостивар до Кичево како следен проект што треба да се реализира со консултантска куќа АФС блиска со Светската банка која треба да го подготви проектот.
– На овој начин очекувам дека ќе има заинтересирани додека за релацијата од Кичево до Охрид очекуваме да се вклучат кинески инвститори кои искажаа заинтересираност. Истовремено работиме и на проектот за магистрална гасификација од Скопје преку Тетово до Гостивар, за што во декември со Европската банка за обнова и развој ќе потпишеме договор за консулстантски услуги, рече Јанакиески. Министерот посочи и на инвестицијата на ЕЛЕМ за скијачкиот центар Попова Шапка во следниет две години во висина од околу 28 милиони евра.
Сериозното намалување на цените на лекови, плаќањето по учинок на лекарите како можност за вистинско оценување на нивната работа и посветеност и подобрувањето на инфраструктурата беа главните поенти во излагањето на министерот за здравство Никола Тодоров.
– Само за новиот дијагностички центар имаме одвоено околу 287 милиони денари што заедно со 5,5 милиони денари наменти за обнова на сите тоалети во тетовската болница претставува вкупна сума од околу шест милиони евра. Уште шест милиони евра инвестиравме во најсовремената медицинска опрема или вкупно 12 милиони евра за подобрување на здравстевниет услуги во тетовско. Тука се и 30 нови вработувања како и набавката на три најсовремени амбулантни возила, изјави Тодоров.
Министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски најави дека од 1 јануари следната година сите пензионери со најниски пензии ќе имаат бесплатно користење на здравствените услуги.
– Покрај тоа што секоја година има покачување на пензиите, во март следната година ќе имам уште едно покачување на сите пензии од пет отсто бидејќи поради одговорната политика на Владата со надлежните министерства обезбедени се 2,7 милијарди денари за оваа намена. Покрај ова врвен приоритет останува грижата за децата и нивната заштита против било каква нивна злоупотреба, изјави Ристовски.
Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска ги посочи инвестициите во обновата на полициските станици во Тетово, Попова Шапка и Стрезимир, како и постојаното помагање на СВР Тетово со ресурси и подобрување на кадарот. Таа најави и продолжување на силната и неселективна борба со криминалот и корупцијата.