Вработување на околу 300 лица со посебни потреби во државниот и јавниот сектор, најави премиерот и претседател на ВМРО-ДПНЕ Никола Груевски на партиската трибина, што се одржа вечерва во Струга.
Според Груевски, Владата ќе продолжи со грижата за социјално ранливите категории граѓани и останува доследна во спроведувањето на реформите, кои, како што нагласи, се спроведуваат уште од првиот ден од мандатот.
– Реформите значат подобрување на квалитетот на животот и тие се жива материја. Почнавме и не застануваме со правење реформи во сите области. По тоа многу се разликуваме од нашите политички опоненти. Во времето кога владееја тие, не можеме да се сетиме на некоја поголема реформа, рече Груевски.
Се осврна и на грижата за пензионерите потсетувајќи на повеќекратното зголемување на пензиите, намалувањето на цената на лековите, бесплатното болничко лекување на пензионерите со потпросечни примања.
– Паралелно со пензиите се зголемува и социјалната помош која досега е зголемена за 35 проценти. Продолжуваме со изнаоѓање работни места за оние кои примаат социјална помош. Успеавме да ја намалиме и невработеноста од 35 проценти колку што затекнавме на 25 отсто. Доколку не беше светската економска криза таа ќе беше намалена сигурно за уште 10 проценти, наведе Груевски, најавувајќи уште една нова мерка со која, како што рече, ќе овозможи вработување на околу 300 лица со посебни потреби во државниот и јавниот сектор.
Министерот за здравство Никола Тодоров на трибината зборуваше за проектите што се спроведуваат за подобрување на здравството и квалитетот на услугите за пациентите и потсети дека на 15 октомври ќе следува намалување на цената на уште 700 лекови.
Зборувајќи за инфраструктурата, министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески рече дека од вкупно 11 предвидени локални патишта во Струга, десет се веќе завршени, а во текот на наредната година ќе се финализира и последниот предвиден патен правец кој ги поврзува селата Октиси и Велешта.