Груевски меѓу лидери и кралски семејства од 83 земји на комеморацијата во Нупорт

Од:

Претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски, попладнево во градот Нупорт, Белгија, заедно со кралеви, претседатели, премиери, министри и амбасадори на 83 земји од светот присуствуваше на комеморација по повод 100 години од Првата светска војна.

На комеморацијата “Белгија памети”, во чест на жртвите и светските промени што ги донесе Првата светска војна, белгиското кралско семејство на чело со кралот Филип и кралицата Матилда беа домаќини и на голем број претставници на кралски семјства, меѓу кои, принцезата Беатрикс од Холандија, принцезата Мерјем од Мароко и Големиот војвода на Луксембург, Анри Алберт Габриел Феликс Мари Гијом.

Од политичките лидери, покрај македонскиот премиер Груевски, на овој настан присуствуваа и германската канцеларка Ангела Меркел, претседателите на Малта, Мари Луиз Колеиро Прека, на Унгарија, Јанош Адер и на Мали, Ибрахим Бубакар Кеита, минситерот за одбрана на Франција, Жан-Ив Ле Дријар.

– Жртвите од тие страшни војни бараат во име на цивилизациите да направиме се што можеме за да живееме во мир и истиот да го одржуваме, истакна канцеларката на Германија, Ангела Меркел, извинувајќи се во име на својата земја што токму германските војници први го употребиле хемиското оружје во битката кај градот Ипр во 1915 година.

Градот Нупорт е местото каде на полињата на Изер, Белгијците и сојузниците успеале со поплавување на местото да ја сопрат германската инвазија во Првата светска војна. Пред споменикот на тогашниот крал на Белгија, Алберт Први, наречен “војникот” поради неговото директно предводење на армијата во битката, францускиот министер за одбрана, чија порака “тешкотиите од минатото не носат напред, исто како и големите предизвици од иднината” измами големи аплаузи од присутните.

Белгискиот Крал Филип, пак, посочи дека од првите денови на војната во август 1914 година, белгиската армија покажала храброст и одлучност и успеала да ја одложи германската инвазија на градовите Лиеж, Тиенен и Антверпен. Но, земјата претрпела сериозни последици и било јасно дека освојувачките сили се посупериорни, но белгиската армија успеала да ги задржи и наместо да капитулира, на 8-ми октомври Кралот Алберт Први одлучил да се бори што се покажало одлучувачки.

– На преквечерината на битката на Изер, Кралот им даде инструкција на своите трупи дека се борат за своите домови и за независноста на нацијата. Тој им порача дека веќе не се сами во оваа битка и дека покрај себе ги имаат армиите на Франција и Британија, истакна на церемонијата белгискиот Крал Филип.

Кралот посочи дека пролеаната крв на рамнината Изер дефинитивно ја сопрела инвазијата и дека затоа, денеска им се оддава чест на нашите пра-прадедовци за силата покажана при отпорот.

– Сто години подоцна, на истата почва ја обновуваме посветеноста на Кралот Алберт Први и додека нови оружја татнат низ светот, цврсто го прифаќаме факелот од оние што биле тука пред нас. Факелот на правдата, достоинството и мирот, порача белгискиот крал Филип.

Потсетувајќи дека на 4-ти август оваа година се одржа импресивна меѓународна церемонија во белгискиот град Лиеж, германската канцеларка Меркел истакна дека тоа му покажало на светот како Белгија ги слави жртвите од Првата светска војна. Обединети во комеморацијата, сите земји инволвирани во таа војна, според Меркел потсетиле како може обединето да се делува во иднина.

– Денеска сум тука во Нупорт и Ипр и сакам да изразам благодарност за поканата како канцелар на Германија да говорам пред вас, на комеморација за жртвите во Белгија што страдале од германската инвазија во 1914 година. Оваа покана не се добива туку-така. Во август 1914 година, владата на Германија ја следеше воената логика, а национализмот ги облачеше сите одлуки во тоа време. Водени од Албрт Први, Белгијците покажаа отпор и на полињата на Фландрија ја сопреа германската офанзива како симбол на отпорот, но и жртва која светот ја даде, исткана Меркел.

Канцеларот на Германија посочи и дека првото користење на хемиско оружје било тоа на германските трупи во 1915 година во Ипр што покажало ново ниво на суровост и дека, како што рече: “Тие што преживеаја останаа во очај, престрашени и без да можат да кажат и еден збор”.

Според Меркел, тоа било пред 100 години и денеска кога се одбележува овој страшен настан, според неа, не може да се биде повеќе благодарен за тоа колку оттогаш се сменети работите. По Втората светска војна, рече таа, Белгијците први им понудиле рака на помирување на германските соседи и оттогаш, повеќе од шест декади, Белгијците и Германците градат пријателство, за што таа изразуви благодарност на народот на Белгија.

– Соодветно на тоа, Брисел денеска е седиште на Европската унија. Тоа симболизира слобода, демократски вредности и почит за меѓународното право. Жртвите од тие страшни војни бараат во име на цивилизациите да направиме се што можеме за да живееме во мир и истиот да го одржуваме, заврши Ангела Меркел.

Би можело да ве интересира

Мицкоски: Владата го усвои Предлог законот за соодветна и правична застапеност

Горан Наумовски

ВМРО-ДПМНЕ и партнерите ќе одбележат една година власт пред платото на Владата

ВЛЕН: Следната недела се затвора историска рана, ќе биде донесен законот за правична застапеност на Албанците

Владата ја усвои новата Стратегија за конфискација на незаконски стекнат имот

Ребалансот на буџетот треба да биде на владина седница најверојатно во четврток

Повредените и семејствата на починатите во трагедијата во Кочани не се сами, порача Владата