ВМРО-ДПМНЕ победи во Скопје, после 4 години макотрпно работење, посветеност, целодневна работа, Коце Трајановски покажа дека со труд и со дела може да се победи како што тој убедливо победи. Покрај 40 општини од првиот круг, денеска ВМРО-ДПМНЕ победи и во Битола , во Велес, во Бутел, во Ѓорче Петров, во Кавадарци, во Делечево, во Берово, Богданци, Дебарца. За прв пат победа во Дебарца. Во Јегуновце, Карбинци, Лозово, Кочани, Ресен, Старо Нагоричане. Заедно со резулатите и освоените места во првиот круг ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата победи во 56 општини, а пред четири години во 55 општини, една повеќе општина сега.
Ова го кажа премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски во вечерашното обраќање.
Тој кажа дека ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата на минатите избори освоиле 406 илјади гласови, а во 2013 година 445 илјади гласови.
СДСМ победи во Ранковце, Струмица, Куманово и има водство од неколку стотина гласови во Центар, минатиот пат имаа седум градоначалнички места, сега ќе имаат три или четири. Територијалната поделба од 2004 година за која покажувавме дека не е соодветна се покажа дека е точно, рече тој.
-Ние како влада остануваме да помагаме на Струга и Кичево како неотуѓив дел од нашето ткиво.
Ние ќе направиме анализа на изборните резултати и пораката на граѓаните од секоја општина. Сакам да потенцирам дека освојувањето на 56 градоначалници и на рекордните 445 000 гласови е историска победа на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за подобра Македонија.
На минатите избори мислев дека тоа е максимумот што може да се направ и, но се покажа дека ако во мандатот се работи искрено, ако се направат резултати, граѓаните знаат да го ценат и да го наградат трудот на тој што дава се што е во негова моќ. Ова е порака до сите нас кои работиме на различни функции на централната власт и локалната власт дека со одговрност за тоа што си го ветил може да се продолжи со успеси, рече Груевски.
