Претседателот на Владата на Република Македонија Никола Груевски денеска имаше средба со Астрид Торс, висок комесар на ОБСЕ за национални малцинства.
На средбата се разговарало за повеќе теми од областа на заедничката соработка, реформите, мултиетничкото општество и етничките заедници, како и имплементација на критериумите и реализација на проектите кои се во насока на унапредување на довербата.
Премиерот Груевски, соопшти денеска владиниот Сектор за односи со јавноста, истакнал дека Владата посветено вложува напори и спроведува мерки за промовирање на интеграцијата на различните етнички заедници во сите области од животот со цел осигурување на долгорочна кохезија на македонското општество. Тој посочил дека образованието е основен елемент во овој поглед и според тоа неговиот развој и унапредување ќе продолжи да биде еден од приоритетите на новата влада.
Пред високиот комесар на ОБСЕ за национални малцинства, премиерот Груевски ја реафирмирал посветеноста на Владата за спроведување на Охридскиот рамковен договор при што било посочено дека е постигнат значителен напредок во областите на правична застапеност на сите етнички заедници, што придонесува за градење меѓусебна доверба и насочување на капацитетите кон постигнување општествен напредок.
На средбата станало збор и за актуелните предизвици и за начините за нивно надминување што дополнително ќе придонесе за релаксирање на односите за што е потребна ангажираност на сите релевантни чинители и дејствување во насока на нивно надминување.
Премиерот Груевски истакнал дека Владата останува посветена на јакнење на капацитетите на институциите и поддршка на процесите кои ќе значат унапредување на состојбата. Тој посочил дека Македонија ќе продолжи да соработува со високиот комесар на ОБСЕ за национални малцинства Торс и нејзината Канцеларија и да се потпира на нивната експертиза во оваа област, за што ја изразил својата благодарност.