Премиерот Никола Груевски денескасе сретна со министерот за одбрана на Република Хрватска Анте Котромановиќ.
Соговорниците, како што соопшти владината прес-служба, ги поздравиле одличните односи кои постојат меѓу двете држави, а била истакната и заедничката посветеност за континуирано унапредување на истите во секоја сфера од заеднички интерес и на секое ниво.
Двете земји, се согласиле тие, споделуваат заеднички стратешки определби за ефективна реализација на европските и евроатланските интеграции, регионален развој и просперитет.
Премиерот Груевски го честитал скорешниот прием на Република Хрватска за полноправен член на Европската Унија, и притоа изразил увереност дека како и досега ќе продолжи хрватската поддршка на македонските интереси за членство во Унијата и НАТО.
Двете страни ги истакнале позитивниот политички дијалог и билатералната соработка во областа на одбраната како примери за успешна соработка. Биле поздравени заедничките ангажмани во рамките на интегративните процеси на Јадранската повелба која е поддржана од Соединетите Американски Држави.
Било разговарано и за иницијативите за развој на заеднички одбранбени регионални способности под плаштот на НАТО, особено во делот на развој на регионални центри за обука, во рамките на против воздушна одбрана и за модернизација на националните вооружени сили, како и за заедничките активности во рамките на новата мисија на НАТО во Авганистан.
Соговорниците ја изразиле својата подготвеност за натамошно унапредување на соработката во сферата на одбраната и на билатерално и на мултилатерално ниво.