Премиерот Никола Груевски, кој престојува во посета на Мексико, синоќа во Мексико Сити се сретна со Роберт Симон, главниот менаџер на ланец од 23 болници, којшто е дел од групацијата на компанијата „Анџелис“, при што договорена е соработка во областа на здравството.
– Синоќа ја посетивме една од главните болници и разговарав со директорот, кој е воедно директор на сите болници во оваа компанија. Разговорот беше во два правца. Да добиеме можност наши лекари од Македонија да дојдат тука на обука за болести, за интервенции за кои кај нас нема обучен кадар и нема одредено искуство. Вториот е од тука лекари-специјалисти кои третираат болести кои кај нас се уште не се третираат, исто така, да дојдат во Македонија, да престојуваат одреден период, да извршат обука на нашите лекари и потоа да се вратат тука. Директорот на сите овие болници се согласи за оваа операција да биде завршена, изјави премиерот Груевски.
Тој додаде дека следуваат понатаму контактите помеѓу Министерството за здравство од Македонија директно со главниот менаџер Симон, кого го поканиле да ја посети Македонија и да ја разгледа можноста за нивна инвестиција во болница во Македонија, приватна доколку најдат интерес за тоа.
– Од оваа средба сум задоволен затоа што добивме позитивен одговор, што значи дека по кусо време, по неколку месеци откако ќе се завршат сите детали, наши лекари ќе почнат да доаѓаат тука. Ова е практично најголемиот ланец на болници во Мексико, комплетно опремени со најсовремена опрема од САД, со најсилни специјалисти од целиот овој дел на светот. Така што тоа ќе биде одлично искуство за нашите лекари, ќе научат многу вештини и со нивното доаѓање тука и со доаѓањето на нивните специјалисти во Македонија, оцени премиерот Груевски.
Инаку, премиерот Груевски денеска треба да се сретне со главниот сопственик на компанијата „Анџелис“, која покрај овие 23 болници поседува и 30 хотели, банки, како и бизнис поврзан со телевизии, радија, весници, односно медиумски бизнис.
– Со главниот сопственик ќе разговараме покрај за болница и за нивно привлекување во Македонија да дојдат, да размислат, да видат дали може нешто што тие сега го имаат како бизнис тука дали се тоа банки или хотели, или се болници или што било да го преселат, односно да го инвестираат и во Република Македонија, рече Груевски, кој предводи владина делегација во Мексико.
Министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски, кој е дел од владиниот тим, изјави дека одлично се примени во Мексико и на економски и на политички план благодарение на Карлос Слим, кој со неговите компании пружа голема логистика за Владата на Република Македонија испраќајќи лични покани до бизнис-елитата во Мексико. Имено, заедно преку Телмекс, Телсел и Америка мобилс се партнери во организирањето на бизнис-форумот на Владата на Република Македонија.
– Очекуваме да присуствуваат голем број компании. Настанот ќе се одржи во неговиот музеј „Соемаја“ со што се дава уште еден голем сигнал дека Карлос Слим излегува во пресрет и поддршка на Владата на Република Македонија за да имаме една успешна бизнис-презентација со очекувања дека најголем дел од присутните ќе имаат интерес и ќе изразат желба за натамошни дискусии и преговарања со претставниците на Владата на Република Македонија, рече Ивановски.