Вицепремиерот Артан Груби потпишал решение со кое училишна зграда во Тетово каде се следела настава на македонски јазик, ја дал на користење на Катастарот во градот. За ова објави и градоначалникот Билал Касами. Тој посочува дека одлука дека ваквата одлука е срамна. Одземањето на зградата би значело дека учениците од септември, кои посетуваат настава на македонски јазик, ќе останат без простор за учење.
„Како да не беше доволно целосното запоставување и негрижа од страна на Владата за поплавите и штетите од невремето изминативе денови, Тетово повторно се соочува со злобна и нелогична одлука на Владата на Ковачевски и ДУИ. За жал, власта, поточно ДУИ, не може да прифати тоа што граѓаните на Тетово ја осудија за злобната и одмаздничка политика што ја води кон Тетово и неговите граѓани. Надвор од секоја здрава логика, СДСМ и ДУИ продолжуваат со реваншизмот кон Тетово и тетовци. На одмазднички начин, Артан Груби потпишал решение, со кое старата зграда на медицинскиот училишен центар се дава на трајно користење на Катастарот на Тетово. Како што може да се види, со оваа одлука, овој објект без потреба и без никаква претходна консултација, се дава на користење на Катастарот“, вели Касами.
Градоначалникот смета дека одлуката е казнување на образованиот процес и учениците од Тетово, знаејќи дека во овој објект се држи настава.
„Оваа одлука е злонамерна тенденција на Груби да им наштети на тетовските средношколци и да создава непотребни проблеми, и тоа во време кога образованието во Тетово има потреба од модернизација и просторно проширување. Со оваа одлука на Владата на СДСМ и ДУИ, директно страдаат учениците, оневозможувајќи да имаат основни услови за образување. Ова е удар и за образовната историја во Тетово воопшто, знаејќи дека токму од оваа зграда излегуваа успешни генерации ученици дури и во најтешките времиња за градот. Оваа одлука е одлука на срам и одмазда, одлука за која не се размислувало ниту во најлошите времиња за Тетово.
Наместо Владата да нуди инвестиции за зголемување на просторниот капацитет за учење и создавање подобри услови за учениците, таа го прави спротивното, одзема простории, само за да ја задоволи загубата на функционерите на ДУИ“, додава Касами.
Тој смета дека е прекршен Законот за основно и средно образование.
„Со оваа одлука, Владата Ковачевски-Ахмети не само што го прекрши Законот за средно образование, туку ги погазува и одлуките на самата Влада. Незаконска владина одлука со единствена цел-да се нанесе штета на образованиот процес во Тетово. Како градоначалник на Општина Тетово, застапувајќи ја волјата на граѓаните, ја повикувам Владата итно да ја преиспита оваа одлука, бидејќи старата зграда на медицинското училиште може да се користи исклучиво за образовни цели, а никако за друга намена и за лична корист. Апелираме до власта да се однесува одговорно кон Тетово без да го дискриминира и напаѓа“, додаде тетовскиот градоначалник.
За одземањето на училишната зграда, Касами и Тетово ќе ги информираат сите дипломатски претставништва во земјава, Амбасадата на САД, ОБСЕ.