Грковска: На светот му се потребни упорноста и трпението со коишто жените им пристапуваат на проблемите

Од:

„На светот му се потребни упорноста, трпението, разбирањето и љубовта, преку коишто жените им пристапуваат на проблемите и ги носат одлуките. Токму затоа Генералното собрание на ОН, оваа година прогласи Меѓународен ден на жените во дипломатијата, бидејќи е неопходен ваквиот пристап кон решавање на проблемите имајќи го предвид актуелниот глобален политички и безбедносен контекст во светот“, порача на отворањето на втората меѓународна конференција, „Жените во надворешната политика“, заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска.

Таа потсети на визионерството на покојната Илинка Митрева, првата и досега единствената министерка за надворешни работи, која со својот пристап и умешност ја водеше македонската дипломатија, во периодот кога нашата држава се соочуваше со меѓуетнички конфликт и која успеа на вистински начин, во овие тешки времиња да ја промовира нашата држава.

„Успешните приказни на жените дипломатки може да бидат инспирација на новите генерации девојчиња и девојки, кои се гледаат себеси на лидерските и дипломатските позиции, а треба да се свесни и за вредностите и потенцијалите што можат да му ги дадат на светот. Кога зборуваме за еднаквото учество на жените во дипломатијата, мора да имаме предвид дека потреба за родова еднаквост има секаде. Еднаквоста меѓу жените и мажите е важен показател дали и до кој степен едно општество е праведно. Праведното општество е предуслов за мирот во државите и светот и затоа ова прашање не е “женско“, туку ги засега подеднакво жените и мажите“, порача вицепремиерката Грковска и нагласи дека квотите се важни за да има еднакви можности во сите области на функционирањето и живеењето.

Таа додаде дека Владата на Република Северна Македонија има цврста определба да креира политики кои ќе создадат услови за родова еднаквост во сите полиња.

„Во нашите политики како Влада ги имаме предвид заклучоците од минатогодишната конференција, за потреба од зголемување на учеството на жените во надворешната политика, во процесот на донесувањето одлуки, но и во однос на целокупната улога на жените во општеството, како активни и конструктивни политички чинители, како и потребата од поголема вклученост на жените во бизнис секторот. И, во оваа прилика, ги реафирмираме нашите определби и позиции“, додаде Грковска.

На дводневната меѓународна конференција, на која ќе учествуваат бројни политичари, претставници од граѓанскиот сектор, како и експерти за родови прашања од земјава и од регионот, на повеќе панели ќе се дискутира на повеќе теми, меѓу кои и за улогата на жените во време на криза, за придонесот на граѓанскиот сектор во процесот на носењето на одлуки, како и за жените во мултилатералната дипломатија.

Би можело да ве интересира

Процедурата за 45 нови возила кои Владата ќе ги купи на лизинг е ефикасна и законска, смета Грковска

A1on

Артан Груби имал две опомени за прекршување на етичкиот кодекс, Џафери ќе одлучува дали ќе го казни

A1on

Грковска: Потребни се храбри луѓе на сите нивоа за да се справиме со корупцијата

Грковска: Лицата ставени на црната листа на САД не треба да бидат ниту на јавни функции ниту кандидати за јавни функции

Грковска-Нефју: САД ја продолжуваат поддршката на Македонија за спречување на корупцијата

A1on

Грковска: Сѐ уште има доволно време случаите од СЈО да се процесираат и да завршат во ефикасна и правична процедура