(ВИДЕО) Грковска: Милевски не даде информации за постапката како се ангажирале луѓе во министерството, ќе го испитаме случајот до крај

Од:

Вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, добила нецелосна документација од Министерството за локална самоуправа за постапката на кој начин се ангажирани луѓе на швајцарски проекти блиски до министерот Горан Милевски, како што објави „А1он“.

Грковска вели дека побарала објаснување од Милевски на кој начин е извршена селекцијата на кандидатите, како е спроведена постапката и под кои критериуми се вршеле ангажманите.

„Со првото барање кое го испративме, добивме еден прилично обемен одговор во кој недостигаше постапката како е тоа извршено. Затоа, испративме дополнителен допис, бидејќи сметаме дека тоа треба да биде комплетно за да можеме подоцна да видиме врз основа на сите документи и информации што ни се споделени да донесеме одлука дали е тоа спротивно на Етичкиот кодекс“, одговори Грковска во интервју за „Макфакс“.

Според Грковска, иако ова е специфичен случај бидејќи прашање на време е кога мандатот на Милевски ќе престане, сепак, тврди дека ќе ја води постапката до крај за да се утврди дали тоа е спротивно на Етичкиот кодекс.

„Првата мерка според Етичкиот кодекс е опомена, бидејќи тоа е кодекс, не е закон. Тоа е укажување дека треба да се поправи однесувањето. Доколку тоа не се случи тогаш и јас имам обврска да испратам до премиерот информација дека не се постапува согласно укажаната опомена и во тој случај премиерот треба да одлучи каков механизам ќе примени“, вели Грковска.

На прашањето дали Милевски ќе замине од функцијата само со опомена за корегирање на однесувањето кога всушност повеќе и нема да биде министер, Грковска вели:

„Хипотетички не можам да кажам ништо, мора да се видат наодите откако ќе ги добиеме сите информации. Врз основа на тоа што ќе го видиме, не е исклучено да покренеме постапка ако има простор и пред други органи. Ние не сме истражен орган, не сме Обвинителство, немаме можност да истражуваме одредена дојава“, вели Грковска.

Но, Грковска не е единствената која добила нецелосни одговори. Таков е случајот и со барањето за слободен пристап до информации од јавен карактер, кое „А1он“ го испрати до Министерството за локална самоуправа, барајќи ги имињата и презимињата на сите ангажирани и во кој временски период, како и големината на нивните хонорари. Во законски предвидениот рок, министерството ни достави одговори, потврдувајќи ги голем дел од лицата за кои веќе и објавивме претходно. На листата се Теодора Димитровска, најмладата кандидатка за градоначалник на Куманово од ЛДП, Бисера Јакимовска, поранешната раководителка на сектор урбанизам во општина Центар во времето на Андреј Жерновски и други… Еден од новите лица на листата е и Јован Манасијевски, поранешниот министер за одбрана и експретседател на ЛДП, кој е ангажиран од декември 2021 година.

Меѓутоа, во одговорот од локална самоуправа, воопшто не е наведена сумата која ангажираните лица ја добивале. Незадоволни од одговорот, „А1он“ веќе достави и жалба до Агенцијата за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер.

Би можело да ве интересира

Процедурата за 45 нови возила кои Владата ќе ги купи на лизинг е ефикасна и законска, смета Грковска

Орце Костов

Артан Груби имал две опомени за прекршување на етичкиот кодекс, Џафери ќе одлучува дали ќе го казни

Орце Костов

Грковска: Потребни се храбри луѓе на сите нивоа за да се справиме со корупцијата

Грковска: Лицата ставени на црната листа на САД не треба да бидат ниту на јавни функции ниту кандидати за јавни функции

Грковска-Нефју: САД ја продолжуваат поддршката на Македонија за спречување на корупцијата

Орце Костов

Грковска: Сѐ уште има доволно време случаите од СЈО да се процесираат и да завршат во ефикасна и правична процедура