Грковска гони корупција во Владата без искуство, а Етичкиот кодекс кој го спроведува не важи за неа

Од:

Вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска, додека не била именувана на функцијата, немала допир со гонење корупција. Ова го покажува нејзината биографија, објавена на официјалната страна на Владата. Таа е магистер по математички науки, а ниту во работното искуство кое го навела, нема ниту едно работно место поврзано со борба против корупцијата. Грковска во Владата е задолжена и за спроведување на Етичкиот кодекс, кој ниту таа самата не го почитува, но не се ни казнува.

Биографијата на Грковска покажува дека била асистентка по математика, па девет години пратеничка во Собранието, за од 2013 година да замине во приватен сектор. Работела во компанија како административен директор, за по една година, да го продолжи стажот во ИТ компанија како шеф на оддел за човечки ресурси. До 2022 година, кога е именувана на вицепремиерската позиција, според нејзината биографија, немала искуство со борбата против корупција.

„А1он“ уште во април ја праша и директно вицепремиерката за тоа кое и каде е нејзиното искуство со гонење корупција. Иако функцијата, но и Етичкиот кодекс и налагаат да одговори на секое новинарско прашање, таа четири месеци не даде објаснување.

Во членот 9 на Етичкиот кодекс стои: „Носителите на извршни функции одговараат неселективно, навремено и аргументирано на прашања и коментари на јавноста и засегнатите страни за сите аспекти од своето работење и работењето на својата институција“.

Грковска го прекршува овој член со неодговарањето на прашања од „А1он“, и тоа во повеќе наврати. Во ваков случај, Етичкиот кодекс предвидува мерки, кои пак, ги спроведува самата вицепремиерка. Таа за непочитување на кодексот, може да изрече опомена за да си го поправи однесувањето, но и да изрече јавна критика, да бара оставка.

„А1он“ се обрати и до Владата, каде прашавме дали некој ќе ја санкционира Грковска, поради непочитување на одредбите од Етичкиот кодекс кои таа треба да ги спроведува – но оттаму исто така молчат. За прашањата испратени во април, испративме потсетување до Владата и во јуни дека не се одговорени – но игнорирањето продолжи.

Инаку, за однесување исто како нејзиното во моментот, вицепремиерката Грковска применувајќи го Етичкиот кодекс, во април му изрече мерка на министерот за правда Никола Тупанчески. Таа сметаше дека Тупанчески не е транспарентен и му укажа: „Носителите на извршни функции одговараат неселективно, навремено и аргументирано на прашања и коментари на јавноста за сите аспекти од своето работење и работењето на својата институција“.

Би можело да ве интересира

Процедурата за 45 нови возила кои Владата ќе ги купи на лизинг е ефикасна и законска, смета Грковска

Орце Костов

Артан Груби имал две опомени за прекршување на етичкиот кодекс, Џафери ќе одлучува дали ќе го казни

Орце Костов

Грковска: Потребни се храбри луѓе на сите нивоа за да се справиме со корупцијата

Грковска: Лицата ставени на црната листа на САД не треба да бидат ниту на јавни функции ниту кандидати за јавни функции

Грковска-Нефју: САД ја продолжуваат поддршката на Македонија за спречување на корупцијата

Орце Костов

Ние сме мала земја со многу јавни тајни и малку разрешници, кажа Грковска на дебата за Законот за конфискација