Грипот се уште во подем, да се почитуваат мерките за превенција

Од:

Грипот е се уште во подем и се очекува да продолжи и во следните две до три недели, укажува Министерството за здравствп.

Во последната недела од минатиот месец се пријавени 4.781 новозаболени лица со симптоми на грип на територијата на цела држава, што претставува зголемување на бројот на регистрирани случаи во однос на минатата недела за 43,7 проценти. Вкупно досега се пријавени 18.652 лица со симптоми на грип.

Најдобра превенција од грипот, укажуваат од Министерството за здравство, е да се избегнува контакт со заболено лице, редовно да се одржува личната хигиена и хигиената на рацете (миење  раце со сапун и топла вода или користење влажни марамчиња на база на алкохол, особено по кашлање и кивање). При појава на заболувањето потребно е сместување на заболеното лице во посебна просторија (домашна изолација) се додека симптомите на болеста не исчезнат, како и често проветрување на собата на заболеното лице и дезинфекција на површините.

Вирусот на грип, појаснува Министерството за здравство, циркулира во текот на зимските месеци, а може да предизвика заболување кај лица од сите возрасни групи. Болеста се пренесува по воздушен пат (при кивање и кашлање), како и при контакт со заболен. Период на инкубација е најчесто од еден до три дена, а болниот е заразен еден ден пред да се појават симптомите и седум дена по појавување на симптомите. Ова заболување има ненадеен почеток со појава на висока температура, главоболка, општа изнемоштеност, болки во мускулите и зглобовите, црвено и болно грло, солзење во очите и секреција од носот, кашлица. Кај дел од заразените лица болеста може да помине и без симптоми или пак со благи симптоми на настинка.

Грипот најчесто се карактеризира со полесна клиничка слика и поминува за неколку дена со симптоматска терапија и мирување, додека кај ризичните групи може да предизвика и компликации со тешка клиничка слика како пневмонија. За ризични групи се сметаат: лица над 65 години со хронично заболување, бремени жени, деца под две-годишна возраст, лица кои боледуваат од белодробни, срцеви или малигни заболувања, лица со дијабет и други хронични заболувања.

Лицата кои не спаѓаат во ризичните групи и имаат полесна клиничка слика, може да се лекуваат по препорака на лекар во домашни услови со симптоматска терапија. Но, доколку симптомите не се подобрат за три дена потребно е да се побара помош од лекар, соопшти Министерството за здравство.

Би можело да ве интересира

ИЈЗ: Се намалува бројот на заболени од грип, досега починале 14 лица

Горан Наумовски

Намалување на бројот на заболени од грип

Регионот се бори со голема кашлица, во земјава веќе има седум случаи

Грипот зема замав, уште еден починат

Катерина Ѓуровски

Десетина пациенти со грип на Инфективна, една пациентка со потешка состојба на Пулмологија

Горан Наумовски

За 15,3 отсто повеќе заболени од грип во споредба со претходната недела