Корисниците на мобилна телефонија што евентуално „наседнале“ на последните измами со пропуштени повици и ќе добијат повисоки сметки треба да се обратат до операторите и да поднесат приговор за евентуална корекција со оглед на такви примери и во минатото.
Од Агенцијата за електронски комуникации изјавија дека едукацијата и подигањето на свеста се единствената мерка за заштита од можните измами во мобилната телефонија на коишто бевме сведоци неодамна откако илјадници домашни претплатници на двата мобилни оператори беа вознемирени со кратки повици од непознати броеви од странство. Повиците потекнуваа најчесто од Литванија, Естонија и сателитскиот оператор Глобал стар. По преземените мерки за заштита од страна на операторите, неколку часа по повиците беа блокирани најголем дел од броевите преку кои се остваруваше ваквата измама, но, како што предупреди АЕК, тоа не значи дека ваква измама нема да се повтори од други броеви во иднина.
Измамата со пропуштен повик се нарекува вангири (Wangiri Scam), потекнува од Јапонија и значи „еден повик и исклучи”. Претплатникот добива краток повик, најчесто едно звонење од број од странска држава што има висока цена на меѓународни повици. Ваквиот повик не му се наплаќа на крајниот корисник, иако имаше разни шпекулации што циркулираа по медиумите дека имало случаи кога и вакви кратки пропуштени повици им се наплаќале на корисниците. Штетата за крајниот корисник настанува тогаш кога корисникот поради незнаење дека има пропуштен повик ќе го повика пропуштениот повик и ќе му биде наплатена висока цена на меѓународен разговор. Штетата ќе биде поголема доколку корисникот остане подолго во разговор со повиканиот број. Најчесто од другата страна повикот е одговорен од автоматска порака што го наведува корисникот да остане на линија колку што е можно подолго.
Вакви измами со пропуштени повици се случувале и порано и Агенцијата секогаш апелирала до корисниците да не одговараат на ваквите повици.
– Не постои друга мерка за заштита за крајните корисници освен едукација и подигање на свеста за можните измами. Не постои ниту пак софистицирано техничко решение што операторите би можеле да го имплементираат за да може автоматски да ги спречат ваквите појави. Единствено системите за детекција на измами (fraud detection system) што ги имаат имплементирано операторите им овозможуваат рано откривање на ваквите појави и операторите преземаат мерки, како што е блокирањето на серија броеви од коишто потекнуваат ваквите напади. Поради тоа и благодарение на брзото дејствување на операторите за релативно кратко време најголем број од нападите беа спречени. Некои од операторите излегоа и со свои информации за јавноста со која ги информираат да бидат внимателни со ваквите пропуштени повици и да не се јавуваат, велат од АЕК.
Од измами со повици може да бидат оштетени и претплатници и оператори
За оние корисници што веќе се јавиле на пропуштените повици и во наредниот период ќе добијат повисоки сметки за електронски комуникациски услуги ги советуваат да се обратат до операторите и да поднесат приговор затоа што во минатото операторите ги коригираа ваквите сметки по поднесен приговор на корисниците.
За надминување на ваквата состојба Агенцијата апелира до сите претплатници во иднина да не повикуваат кон непознати пропуштени броеви од странски држави, бидејќи за тоа ќе им бидат наплатени високи цени на меѓународни повици.
На вангири-напади не се изложени само претплатниците на комуникациски услуги во државава, односно такво искуство имаа и многу други земји, како Америка, Австралија, Велика Британија…
Како што појаснуваат од АЕК, други најчести измами, но што не ги таргетираат корисниците, туку операторите, се измамите со СИМ-боксови.
– СИМ-боксовите се уреди што содржат СИМ-картички при што маѓународниот повик наместо да заврши преку меѓународни интерконекциски линкови на операторот се пренесува преку интернет-мрежата преку ИП (VoIP) и завршува на овие СИМ-боксови од каде што се пренесува до крајните корисници. Во овој случај штетата е на страната на операторите бидејќи во овој случај не може да наплатат за услугите за меѓународна терминација во нивната мрежа, туку може само да наплатат за национален повик, кој е многукратно помал од цената за завршување меѓународни повици.
Обврски за операторите за управување со ризици за безбедност на мрежи
Во согласност со Законот за електронски комуникации, операторите се должни да преземаат соодветни технички и организациски мерки со цел соодветно да управуваат со ризиците за безбедноста на мрежите и услугите. Тие треба да усвојат и да имплементираат политика за безбедност со која ќе се утврди ранливоста на системот, надзорот и спроведување превентивни и корективни мерки, како и мерки за ублажување инциденти по безбедноста и интегритетот на мрежите.
Стручните надзори на АЕК на сите 85 оператори што биле предмет на надзор во државава покажуваат дела сите имаат донесено вакви политики за безбедност.
Операторите се должни веднаш, но не подоцна од 24 часа од моментот на нарушување на безбедноста или губење на интегритетот што имало значително влијание врз функционирањето на мрежите или услугите, по електронски пат на Агенцијата да ѝ достават известување за тоа. Во случајот со измама со пропуштени повици нема губење на интегритетот или функционирањето на мрежите на операторите и таквите напади на подлежат на обврски од Законот за електронски комуникации.
Податоците за состојбата на пазарот за електронски комуникации во мобилната телефонија заклучно со третиот квартал лани покажуваат дека во мобилната телефонија во државава има 2 055 339 претплатници. Во вкупниот удел на активни претплатници А1 Македонија учествува со 48,48 проценти, Македонски телеком со 48,81 проценти.