Градоначалниците на општина Гевгелија и на грчката општина Пеонија, Иван Франгов и Христос Гунденудис денеска разговараа за реализацијата на неодамна одобрениот заеднички ИПА проект „Аква“, кој е дел од активностите на двете општини за ефикасен менаџмент со градска вода во пограничниот регион на Македонија и Грција и заштитата на природните ресурси на реката Вардар.
На прес-конференцијата одржана по средбата, градоначалникот на Пеонија, Гунденудис, истакна дека нивна обврска е работата на пречистителната станица која прима урбани канализации од населбите Поликастро и Аксиополи кои го нарушуваат квалитетот на водата која се интегрира со водата на Вардар и вети дека таа нивна обврска ќе биде целосно реализирана.
Општина Гевгелија во рамки на проектот треба да ги заврши преостанатите инфраструктурните работи на одводниот канал „Рауљ“ во делот на Сува река.
– Наша обврска е да го доизградиме каналот до влезот во реката Вардар со што конечно ќе се отстрани опасноста од прелевање на водата во градското подрачје на Гевгелија, рече Франгов.
Проектот од страна на ЕУ фондовите ќе биде финансиран со 300.000 евра.