Град Скопје: Во буџетот за 2015. предвидени се голем број капитални и инфраструктурни објекти

Од:

Градот Скопје реагира на изјавата на советникот од редовите на СДСМ, Дамјан Манчевски, дадена по повод донесениот Буџет на Град Скопје за 2015 година на 25-та седница на Советот на Град Скопје.

„Прво, би сакале да го демантираме г-динот Манчевски, каде тој во неговата изјава тврдеше дека градоначалникот Трајановски не присуствувал на оваа расправа. Тоа не е точно, градоначалникот Трајановски присуствуваше на расправата по повод оваа точка, се обрати пред Советот и даде образложение за истата, нешто за што сведочеа сите присутни советници и медиумите.

Второ, г-динот Манчевски тврди дека овој буџет е против интересите на граѓаните на Скопје, што не е вистина. Градот Скопје изминативе години сите буџети и програми за работи ги прави заедно со граѓаните во насока на решавање на сите проблеми со кои се соочуваат. На отворен и транспарентен начин, изминативе 30-на дена, градоначалникот Трајановски со претставници на администрацијата и јавните претпријатија, ги посети сите десет општини каде одржа средби со градоначалниците, претставниците на општинските администрации, со граѓаните и претставниците од урбаните и месните заедници. На овие средби се дискутираше за потребите на граѓаните на Скопје и голем број од нивните предлозите се вметнати во буџетот и Програмите за работа на Градот Скопје и јавните претпријатија.

Буџетот на Град Скопје за 2015 година е буџет за коишто сметаме дека е балансиран и во него се предвидени голем број на капитални и инфраструктурни објекти кои се во насока на подобрување на животниот стандард и квалитетот на живот на населението.

Како најважни проекти кои ќе започнат или ќе се реализираат во 2015 година се:

  • Во општина Аеродром ќе продолжи реконструкцијата и проширувањето на Трета Македонска бригада (втора фаза), ќе биде извршена реконструкција на дел од бул. Јане Сандански, а ќе започне и фазната реконструкција и проширување на бул. АСНОМ на потег од последната автобуска станица број 5 кон населба Лисиче. На територијата на Општина Аеродром ќе биде изграден и колектор долж бул. Видое Смилевски Бато.
  • Во Општина Центар ќе продолжи проектот за реконструкција и проширување на ул.Јордан Мијалков (поранешна Железничка), како и изградбата на катната гаража на улица Даме Груев. Оваа година ќе започне и реконструкцијата на дел од улицата Тодор Александров (поранешна Салвадоре Аљенде).
  • Во Општина Ѓорче Петров ќе продолжи реализацијата на проектот за продолжувањето на бул.Партизански одреди до црквата Св.Петар и Павле, а ќе продолжат и активностите за расчистување на имотно правните односи за проширување на улица Борис Сарафов (Поранешна 4-ти Јули).
  • Во Општина Кислеа Вода ќе започне третата фаза од проектот за проширување и реконструкција на ул. Борис Трајковски, а ќе започне и реконструкцијата на дел од улицата Павел Шатев.
  • Во Општина Шуто Оризари ќе се реши деценискиот проблем со изградба на водовод во Шуто Оризари
  • Во Општина Чаир ќе започне реконструкцијата и проширувањето на бул. Никола Карев (т.н. Пластичарска улица), ќе започне фазната реконструкција и проширување на дел од бул. Цветан Димов, како и реконструкцијата на улицата Ќемал Сејфула
  • Во Општина Сарај ќе започне фазната реализација на проектот за реконструкција и проширување на улица Сарај
  • Во општина Гази Баба ќе се реализаира проектот за реконструкција на дел од 16-та Македонска бригада и изградба на кружен тек, како и проектот за реконструкција и проширување на улицата Маџари со изградба на нов атмосферски колектор со што ќе се реши проблемот со поплавите на овој дел од Ченто. Дополнително, ќе се работи на изградба на фекална канализација на патот од с.Трубарево до Идризово, како и изградба на фекална канализација во Црешево, Смиљковци, Виниче и Љуботен.
  • Во Општина Карпош ќе заврши третата фаза од проектот за проширување и реконструкција на бул. Митрополит Теодосиј Гологанов, ќе продолжи реконструкцијата на раскрсницата помеѓу бул. 8-ми Септември и ул.Скупи, како и изградбата на паркот Македонија – 2 дел, а ќе започне и изградбата на фекална канализација на потег од улица Московска до Партизански одреди.
  • Во општина Бутел ќе биде извршена реконструкција на ул. Александар Урдаревски, ќе се интервенира на атмосферската канализација на подвозникот до кружниот тек Боца Иванова, а ќе продолжат и работите за изготвување на проектната документација и расчистувањето на имотно правните односи за проектот за пробивање на булеварот Христијан Тодоровски Карпош до заобиколницата“, се вели во реакцијата на Град Скопје на изјавата на Дамјан Манчевски.

Би можело да ве интересира

АХВ нареди времено затворање на кујната во касарната „Гоце Делчев“

Горан Наумовски

Во Скопје се санираат штетите од синоќешното невреме

Повеќе од 12 часа делови од Скопје без струја

Од силниот ветер падна дрво и повреди жена во центарот на Скопје

Катерина Ѓуровски

Во Тетово и во Скопје уште се санираат последиците од невремето

Невремето остави хаос во Тетово, се санираат штети и во Скопје

Катерина Ѓуровски