Лицата на кои им е ограничена слободата на движење се сместени во исклучително лоши услови и се подложни на нехуман, понижувачки и нечовечки третман, истакна денеска на прес-конференција народниот правобранител Иџет Мемети на презентацијата на извештајот на Народниот правобранител-Национален превентивен механизам за 2016 година, по 50-те спроведени посети на органи и установи во кои слободата на движење е ограничена.
Посочи дека во извештајот се прикажани состојбите на посетените четири казнено-поправни установи, осум полициски станици, една јавна установа за социјална заштита и 37 места за сместување и задружување на бегалцит/мигрантите.
На прес-конференицијата имаше и видео презентацијата на состојбата во посетените објекти. Мемети рече дека условите во Казнено – поправниот дом Идризово не само што се далеку од предвидените стандарди, туку директно го погазуваат човековото достоинство и упатуваат, како што појасни, на понижувачки, нехуман и деградирачки третман.
Потенцира дека во Приемното одделение има три соби, ходник и тоалет во кои ѕидовите се со мувла и влага, таваните прокапуваат, а прозорците се скршени. – За време на посетата затекнавме 80 лица кои спротивно на Законот се задржуваат и повеќе од два месеци пред да бидат префрлени во соодветните одделенија. Поради пренатрупаност овие лица спијат на картони и душеци на самиот под, па и во ходникот, а сите користат еден тоалет, кој е целосно руиниран, и кој истовремено се користи и за чување на приборот за јадење со образложение дека само таму има вода, истакна Мемети.
Тој рече дека поради овие катастрофални и деградирачки услови бара итно затворање на приемното одделение во Идризово и префрлување на овие лица во соодветни простории и очекува надлежните итно да постапат и да му достават одговор во рок од 30 дена.
Состојбите во женското одделение во Идризово, посочи, не се променети, туку напротив се влошени. Тој укажа и на лошите услови (мувла, влага, нехигиена…) во амбулантното и во затвореното одделение и додаде дека храната која ја добиваат затворениците е со лош квалитет и недоволна.
– Во затворите немаме функционален безбедносен систем. Во услови во кои еден затворски чувар обезбедува цели крила со над 120 осудени лица не можеме да зборуваме за ефикасен безбедносен систем. Од друга страна осудениците се незаштитени, поради што има чести физички пресметки меѓу нив. Во неколку наврати алармирам на нефункционален здравствен систем, кој веќе трета година го нема, рече Мемети.
Информира и за појави на корупција и злоупотреби во затворите, каде, според искази на осудени, се продаваат кревети, мобилни телефони, разни видови дроги и дека евидентен е тренд на регрутирање нови зависници.
На видео презентацијата на состојбата во ЈУ Специјален завод – Демир Капија, Мемети укажа на лошите услови во таа установа, каде, како што појасни, штитениците не ја добиваа потребната грижа и заштита.
Од осумте посетени полициски станови, појасни Мемети, само една ги исполнува минималните стандарди за задржување и распит.
– Се уште се користат простории за кои пред повеќе години баравме да не се користат. Просторијата за задржување во полициската станица во Берово се наоѓа два спрата под земја и е без систем за повикување. Дури во седум од осумте посетени полициски станици нема посебна просторија за распит…истакна Мемети и ја повтори препораката да не се користат просториите за задржување.
Тој препорача да се разгледа можноста за воведување нов систем со помал број објекти со места само за задржување на лица во кои целосно ќе бидат исполнети предвидените стандарди.
По 37 посети на места за сместување и задружување на бегалците/мигрантите, Мемети рече дека е потребно не само сериозно ревидирање на правната регулатива за лицата со илегален влез и барателите на азил, туку да се зајакнат капацитетите за прифат и третман, како и почитување на меѓународната и националната регулатива во постапките за нивните права.
По завршувањето на прес-конференцијата Мемети информираше дека ноќта меѓу 16 и 17 овој месец полицијата влегла во Транзитниот центар во Табановце и присилно извлекла 18 мигранти, од кои 10 се депортирани кон Грција, а осум други успеале да избегаат и се наоѓаат во околните села.
– Добивме информација од невладина организација дека полицијата употребила средства за присилба и сила. Не знаеме што се случило, но секако дека екипите се на терен. По нивното враќање јавноста ќе биде информирана, додаде Мемети.