Го извадив пиштолот и кажав стој полиција, сведочеше телохранителот на Оливер Спасовски за 27 април

Од:

Сашо Тасевски, директорот на БЈБ, телохранител на тогашниот министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски, доцна вечерва сведочеше во кривичниот суд дека на 27 април пред да се случи упадот во законодавниот дом, Оливер Спасовски бил на средба со претседавачот Трајко Вељаноски во Собранието.

Кога Вељаноски го видел телохранителот на Спасовски, го прашал во кое својство е во Собранието.

„Јас му кажав дека сум личното обезбедување на Оливер Спасовски“, се присети Тасевски и рече: „Во холот Вељаноски му се обрати на Оливер со прашање, зошто твоето обезбедување оди со тебе цело време? Не личи да оди по тебе“.

Оливер му одговорил дека тоа е според Закон, а Тасевски излегол од Собранието.

Тасевски рече дека кога на радиостаница чул дека толпата ја преминала првата барикада им издал наредба на неговите двајца колеги тактички да се постават за да го заштитат Спасовски.

Директорот на БЈБ сведочеше дека пред прес-салата се појавиле луѓе со качулки со извици дека ќе бидат сите убиени.

„Јас го извадив пиштолот и кажав – полиција за да не пристапуваат кон личноста која ја заштитувам“, рече Тасевски.

Тој останал надвор пред прес-салата за да спречи да влезат луѓето внатре, па и тој бил напаѓан вербално и физички.

„Дојде началникот Оливер Поповски. Му објаснив дека ситуацијата е тензична. Толпата беше насрдена кон мене. Тој ми го даде беџот за да ме заштити и проба вербално да ги одврати напаѓачите“, се присети Тасевски.

Напаѓачите биле се’ побројни и одлучил да влезе во прес-салата. Следувало кршење на вратата од салата, а тој не успеал да ги спречи напаѓачите.

Тасевски во сведочењето дополни: „Толпата влезе во салата. Почна мрачна атмосфера и физички да се пресметуваме. Началниците активно даваа отпор да се заштитат пратениците“.

Сведокот рече дека ги гаѓале со шипки, столчиња и разни предмети, а напаѓачите имале боксирачи со нив.

На прашање на обвинителката Вилма Русковска зошто решил да влезе во Собранието, Тасевски рече дека влегол за да биде во координација со началникот на внатрешното обезбедување, оти му рекле дека четири до пет полицајци го обезбедуваат Собранието.

Тасевски рече дека бил повреден: „Имав две расекотини на главата, ми беше изместена вилицата и имав модринки на телото“.

Судењето заврши во 23 часот и 6 минути. Следното рочиште за настаните од 27 април е закажано за 25 септември кога повторно треба да бидат сослушани четворица сведоци предложени од Обвинителството.

Обвинетите се товарат за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста.

Васко Маглешов

Би можело да ве интересира

Судењето за случајот „Организатори на 27 април“ презакажано за 14 ноември – обвинетите бараат Судот да го примени Законот за амнестија

Катерина Ѓуровски

ЗНМ: Правда за новинарката Душица Мрѓа за „27-ми Април“: значаен чекор напред во борбата против заканите врз медиумските работници

Се предаде Дејан Давидовски Дешо, баран по меѓународна потерница за настаните од 27 април

Катерина Ѓуровски

СДСМ: Пандов пушта од затворите лица осудени за 27 април

Катерина Ѓуровски

СДСМ: 27 април е крвав потсетник на режимот на ДПМНЕ кој не смееме да дозволиме да се повтори

Горан Наумовски

Јанакиески бил незаконски притворен и држен во домашен притвор за „Шпански скали“ и 27 април, пресуди судот во Стразбур

Александар Тодески