Глигор Ташкович за „А1он“: Со нетрпение очекувам да и служам на нашата земја, ќе користам брз премин на аеродромите

Од:

Бившиот министер за странски инвестиции во Владата на Никола Груевски, Глигор Ташкович ја добил „МКарта“ од Бујар Османи кон крајот на јуни 2022 година, но неделава дознал дека со неа ќе има привилегии при влез на македонските аеродроми.

Во разговор за „А1он“, Ташкович рече дека едвај чека да и служи на земјата и добивањето на картичката, за која најзаслужен бил генералниот конзул во Њу Џерси, Јордан Панев, му претставува голема чест.

– Имам остварено многу значајни проекти самиот, но и со мојот кабинет од 2006 до 2008 година и со други луѓе во периодот од декември 2017 до декември 2019 година, проекти кои ја направија нашата земја подобро место за живеење. Треба да се истакне дека картичката е со важност од само 48 месеци. Со други зборови, тоа не е доживотна чест и не е јасно дали продолжувањето е автоматско или не. Сакам да му се заблагодарам на генералниот конзул Јордан Панев за тоа што се досетил да ме номинира. За мене е ова голема чест и со нетрпение очекувам да и служам на нашата земја во дополнителни улоги во иднина – истакна Ташкович за „А1он“.

Тој ја добил картичката кон крајот на јуни 2022 година, но бил информиран дека се уште не биле одредени поволностите за носителите на картичката. Дознал неделава од заменик генералниот конзул Никола Ѓорчев дека ќе има привилегија за брз влез на аеродромите во Скопје и во Охрид која ќе ја користи при своите посети.

– Дури оваа недела дознав за брзиот влез на аеродромите од заменик генералниот конзул Никола Ѓорчев. Очекувам да ја користам лентата за брз премин на аеродромот при моите ретки посети ако картичката сè уште е во сила на моето следно патување . Од моето искуство, персоналот на македонските аеродроми секогаш бил љубезен кон луѓето со посебни потреби и бремените жени. Бидете сигурни дека ако видам некој кој има потреба да ми се придружи во брзата лента, ќе го замолам да ми се придружи – рече Ташкович за „А1он“.

Пред две години „Њујорк Тајмс“ пишуваше дека Ташкович бил дел од голема измама вредна 45 милиони долари. Наводно, група на луѓе во кои бил и Ташкович, се обидувале да ја искористат пандемијата со ковид-19 и да им продадат на градските власти милиони заштитни маски Н-95 по многу повисока цена од продажната.

„А1он“ го праша Глигор Ташкович до каде е разврската во тој случај и зошто се споменува неговото име во измамничката шема.

– Во 1997 година, присуствував на празнична забава во Њујорк, каде што запознав десетгодишно слепо момче кое можеше да свири композиции за пијано само врз основа на допир. Останав во контакт со момчето и неговиот татко како ментор на момчето сè додека не се случи овој инцидент. Во 2016 година таткото на момчето сакаше да ме запознае со неговиот деловен партнер со кого бевме на ручек. Немавме комуникација се до март 2020 година кога ми побараа помош. Единствена причина поради која се најдов во „Њујорк Тајмс“ беше тоа што бев поранешен министер во Владата и затоа што моите смс-пораки до обвинетиот со кои го предупредував да не продолжи со неговиот план беа искористени од властите за да го обвинат.

Заради отсуство на сомнеж, дозволете ми јасно да наведам дека никој од власта не ме посети, ниту пак имал директен контакт лично или писмено со мене. Јас не сведочев. Не се појавив во судница. Немаше судење. Случајот заврши во септември 2022. Добив сертификат за добро однесување од градот Њујорк во кој се наведува дека нема полициско досие за мене – раскажа Ташкович за „А1он“.

Покрај него, на списокот на Османи има и контроверзни личности за кои јавноста нема позитивно мислење како што е името на бизнисменот Ристо Гуштеров кој како дел од раководниот кадар во државната „Технометал“ стекна големо богатство во периодот на транзицијата. На изборите во 2011 година се обиде да стане пратеник преку партијата Достоинство.

Би можело да ве интересира

Ристески: Цели 3 години ВМРО ДПМНЕ во Аеродром потроши на лаги, изговори и празни ветувања

СДСМ: ВМРО-ДПМНЕ го укина бесплатното пливање за првачињата и децата со попреченост во Аеродром

Левица: ДПМНЕ шверцерски протна две нови висококатници во Аеродром

Обид за убиство во Аеродром, двајца насилници раниле познаник

СДСМ: Ништо од ветената модернизација на училиштата во Аеродром

Лажна дојава за бомба предизвика паника во аеродромските згради во Кошице и Попрад

Горан Наумовски